Министерство за култура: Жалиме што не се создадени услови за нов колективен договор

По реакцијата на Синдикатот за култура и најавеното блокирање на институции доколку не се зголеми буџетот за плати, со свое соопштение се јави Министерството за култура, од каде изразуваат жалење што сѐ уште не се создадени услови за потпишување нов колективен договор со кој, велат тие, ќе се надминат наталожените долгогодишни проблеми во оваа област.

Според министерството, главен  приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата.

„Со негово условјува во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на колективниот договор во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат“, соопштува министерството.

Од таму велат дека работната група при Министерството за култура во која членуваат претставници на синдикатите, активно работи на правична валоризација на трудот на вработените во културата.

„Министерот за култура Адеми ја поддржува иницијативата на СКРМ, кој преку амандман поднесен од претставници во Собранието на РМ бара средствата за нивелација на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година“, соопштува Министерството.

Инаку, Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) потенцираше дека доколку не се усвојат и одобрат средства за нивелација на плати, вработените во културата новата година ќе ја дочекаат со блокирање на институции.

Синдикат на култура: Средства за нивелација на плати до 31 декември или блокираме институции