Министерство за култура: Барањата на Синдикатот за култура се прифатливи

Министерството за култура одговори на вчерашната реакција на Синдикатот за култура со која најавија генерален штрајк доколку не бидат реализирани нивните барања. Оттаму велат дека се работи на барањата и дека тие се прифатливи за нив.

Синдикатот побара ревизија на спроведената нивелација на платите, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и за потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година, со почеток на спроведување од 1 јануари 2020 година.

„Рокот  за потпишување на колективен договор до 30.09.2019 година со почеток на спроведување од 01.01.2020 година, истакнат во барањата на СКРМ е прифатлив рок и за Министерството за култура, па затоа искажуваме уверување дека со сите засегнати страни како и со СКРМ, ќе работиме подеднакво посветено, конструктивно и ангажирано во постигнување на заедничката цел, подобри услови за работа во сферата на културата во Република Северна Македонија“, стои во одговорот на министерството.

Оттаму велат дека ги почитуваат барањата од културната јавност и од СКРМ и дека заеднички со сите засегнати страни работи за донесување на правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат и регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата.

„Министерството за култура активно и засилено работи на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон. Министерството за култура работи транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на законот и на колективниот договор за култура.

Во неодамнешниот процес на нивелација на платите кои уследи по долги години неправда во поделбата на платите во културата поради неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платата, учество земаа сите релевантни фактори меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата“, стои во одговорот на министерството.

СКРМ најавува штрајк ако не бидат спроведени барања за плати и колективен договор