Министерствата објавија само дел од документите од јавен карактер

На крајот на минатиот месец министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на прес-конференција, меѓу другото, кажа дека во функција на отчетно и транспарентно работење министерствата имаат рок од 15 дена на нивните веб-страници да објават листа од 21 документ. Иако рокот за објавување (15.11.2017),  помина може да се забележи дека досега (29.11.2017) на интеренет – страниците на министерствата не е објавен целиот сет од 21 документ во формата утврдена од МИОА, туку со исклучок на неколку министерства, на веб – сајтовите  најчесто има поставено само дел од документите од јавен карактер наведени во листата, па ветувањето го оценуваме како делумно исполнето.

Проверката на „Вистиномер“ на веб-страниците на сите 15 министерства покажа дека целата „листа на информации од јавен карактер“ ја има единствено на Министерството за информатичко општетство и администрација (МИОА), што е логично со оглед на фактот дека тие се иницијатори на проектот. Меѓутоа и таму, иако е на главната страница, таа е скриена  во рубриката „Односи со јавност“.

Своевидна скратена листа (на која има поголем број од документите) може да се најде на сајтовите на министерствата за земјоделие, шумарство и водостопанство, за надворешни работи и за одбрна. На сајтовите на останатите министерства документите не се објавени систематизирано на еден список (листа),  туку најчесто ги има поединечно или групирани по неколку. Згора на тоа, тие не паѓаат в очи, туку  се „расфрлани“ и треба да се пребарува по веб-страницата. Иако поентата е сетот од овие документи да биде на едно место и веднаш забележлив.

Неодамна, на 22 ноември 2017 година (откако истече рокот за објавување на сетот- документи од јавен карактер), министерот  Манчевски одговарајќи на новинарско прашање, рече дека:

Има значителен напредок од голем број министерства и ќе направиме дополнителна проверка да видиме кој уште нема објавено од листата на документи за поголема транспарентност и отчетност на државните органи и ќе се заложиме за тоа.

Прашан што доколку некои Министерства не ги објават документите, Манчевски одговори:

Ќе ги објавиме јавно и јас ќе ги повикам од прес-конфернеција. Ќе бидат ставени пред јавноста дека се тип на инстутуции што не ги објавуваат документите. Мислам дека мора да воведеме и друг вид на култура, каде јавноста ќе биде најголем контролор на инстутуциите. Другата опција е да пратиме инспекции, ама не секогаш и тоа функционира.

Станува збор за следните документи:

    1. Стратешки план
    2. Буџет -Измена и дополнување на буџетот за 2017 година
    3. Усвоени извештаи за реализација на Буџетот
    4. Ревизорски извештаи
    5. План за јавни набавки-Измена и дополнување на Годишниот план за јавни набавки за 2017 година 20.06.2017-Измена и дополнување на Годишниот план за јавни набавки за 2017 година 28.07.2017
    6. Правилник за внатрешна организација
    7. Органограм за внатрешна организација
    8. Правилник за систематизација на работните места
    9. Список на лица вработени во институцијата со позиција, службен е-маил и службен телефон
    10. Консолидирани текстови од закони и подзаконски акти во надлежност на секое министерство
    11. Обрасци што ги користат граѓаните при доставување на поднесоци до министерствата за остварување на нивните права, а особено обрасци на барања од граѓаните за издавање на реални акти, за оние министерства коишто ги издаваат
    12. Тарифници за надоместоци за издавање на реални акти
    13. Листа на информации од јавен карактер
    14. Контакт од лице задолжено за информации од јавен карактер
    15. Правилник за заштитено внатрешно пријавување
    16. Контакт од лице овластено за заштитено внатрешно пријавување
    17. Име и презиме на офицерот за заштита на лични податоци, позиција во институцијата, службен е-маил и службен телефон
    18. Контакт телефон и е-маил од министерството за генерални прашања
    19. Листа на активни регистри што ги водат министерствата, во зависност од надлежноста
    20. Биографии од Министерот, Заменик министерот и Државниот секретар
    21. Најава на месечни настани или онлајн календар

Предложениот сет документи е унифициран и важи за сите министерства (15), и тие треба да ги објавуваат и редовно да ги ажурираат на своите веб-страници. Како што појасни тогаш министерот Манчевски, само министерствата за одбрана и за внатрешни работи на своите веб-страници нема да ги објавуваат: плановите за јавни набавки, Правилникот за внатрешна организација, Правилникот за систематизација на работните места и списокот на вработените.

Но, зошто е потребно јавното објавување на оваа Листа на документи од јавен карактер? Затоа што на овој начин, како што посочи министерот Манчевски пред речиси еден месец:

На граѓаните им се овозможува да добиваат информации кои им се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество во донесувањето на одлуките и барање одговорност од институциите. Исто така, ќе им се овозможи на сите заинтересирани страни, вклучително и на медиумите, непречено да вршат реална и навремена анализа на работата на институциите

А, покрај министерствата, според најавата од Манчевски, предложениот сет документи ќе треба да биде објавуван и од страна на другите органи на управата, за кои засега се прават детални анализи за евентуални сензитивни информации и податоци, кои може да се однесуваат за одредени институции.

Извор: Вистиномер