Министерот Тодоров за Радио МОФ: Не би бранел закон кој забранува абортус

Министерот Тодоров за Радио МОФ: Не би бранел закон кој забранува абортусЗаконот за прекин на бременоста останува во законите кои на многу либерален начин го решаваат ова прашање и лично не би се согласил да бранам закон со кој се забранува абортус и се ограничува ова право, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров за Радио МОФ.

Според него, во новиот предлог-закон се додава само една процедура која е различна од постоечкиот закон, а тоа  е процедурата во која треба да поминат три дена по задолжителното советување.

„Оваа процедура е стандардна во најголем број од европските земји и го имаме превземено делот само од три дена, за да биде еден од најкратките вакви рокови во Европа. Ако во Данска е 14 дена, во Франција седум, во Белгија шест, Холандија пет, ќе видите дека станува збор за најкраток период, по задолжителното советување, од моментот на советување до моментот на абортусот“, вели Тодоров и додава дека ваквиот чекор се прави заради обезбедување на повеќе информации за процедурата на абортус за жените.

Izjava na ministerot za zdravstvo, Nikola Todorov za Radio MOF by Radio Mof on Mixcloud

Граѓанските организации имаат сосема спротивен став од министерот – велат дека предлог законот-претставува чекор назад и намерно бирократизирање на процедурата за абортус, со цел жените да се откажат од ваквата одлука.

Активистката Ирена Цветковиќ вели дека ставот на сите граѓански организации е да се повлече законот од скратена постапка и да се врати во редовна постапка.

„ Она што го имаме е текст на предлог закон на кој стојат потпишани четири мажи, донесен  преку ноќ, со забрзана скратена постапка, не знаеме со каква цел. Сите граѓански организации го поздравуваме министерството и неговата одлука да креира нов закон, сметаме дека и стариот закон имаше низа недоследности и ако е иста желбата да имаме добар закон, сметаме дека е потребен инклузивен процес кој ќе ги вклучи експертската јавност, женските организации и сите засегнати страни“, вели Цветковиќ за Радио МОФ.

Предлог-законот за прекин на бременоста денеска се најде на јавна расправа во собраниската комисија за здравство, каде повеќе претставници на граѓанските организации, доктори, претставници од лекарската комора и пратеници ги упатија своите забелешки за предлогот, пред министерот Тодоров.

Граѓанската организација Х.Е.Р.А за утре во 11.30 часот, најавува нов протест против спорниот предлог-закон за прекин на бременоста, а своето присуство на социјалните мрежи го потврдиле околу 600 граѓани.

Кристина Озимец