Министерот Адеми одби да се сретне со студентите

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми одби да се сретне со членовите на „Студентски пленум“ пренесе Алсат М. Адеми ја одби поканата на студентите што му ја упатија вчера со образложение дека се уште не е формулиран концептот за тоа какво ќе биде екстерното тестирање или како што го нарекува тој, државен испит.

„Бидејќи се уште немаме пишан концепт не можам да имам средба за оваа тема. Во првиот момент кога ќе имаме такво нешто, ние тој концепт ќе го споделиме со заинтересираните страни. Секако дека ќе отвориме дебата во која ќе може да се вклучат сите  и студентите кои побараа средба со мене“, рече министерот Адеми.

Од „Студентскиот пленум“ велат дека иако министерот Адеми прв побарал средба, сега нема храброст да се види со нив.

Претходно, студентската иницијатива „Студентски пленум“ ја поздрави поканата на министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми за средба со нивни претставници за да се разговара за оправданоста на спроведувањето на предложената реформа во облик на екстерно тестирање во рамки на високото образование.

Пленумот испрати писмо во кое предложија средба со министерот во петок во 12 часот.