Министер предлага да се депортираат бездомните кучиња и мачки од Израел

Израелски министер го навлече гневот на љубителите на животни во неговата земја откако предложи сите бездомни кучиња и мачки да се депортираат во друга земја, како алтернатива на стерилизирирањето финансирано од владата.

„Да се употреби буџетот за пренесување на бездомните кучиња и / или мачки од еден пол (само машките или женските единки) кај друга нација која ќе се согласи да ги прифати“, побара министерот за земјоделство, Ури Ариел, во писмото кое протече во јавноста, а било испратено до негов колега во кабинетот, објави Индепендент.

Предлогот, за кој портпаролот на министерот рече дека бил одбиен по првичните консултации, беше жестоко критикуван од страна на активистите за правата на животните и збунетите опозициски политичари.

„Нема шанса да аплицираам за странски пасош за Пицкеле“, твитна поранешната министерка за надворешни работи, Ципи Ливни, до сликата која ја покажува насмеаната политичарка како ја храни својата мачка.

Ариел, религиозен Евреин и член на екстремно десничарската партија Еврејски дом, смета дека со кастрацијата и стерилизацијата на животните се прави можно прекршување на божјите директиви „ за плодност и размножување”, како и на законот со кој се забранува суровост кон животните.