Минималната плата од јули е 14 934 денари, ССМ најавува кривични за несовесните работодавачи

Сојузот на синдикати на Македонија – ССМ преку соопштение ги потсетува работодавачите дека од 1 јули минималната плата изнесува 14.934 денари, без вклучени додатоци и надоместоци на плата кои треба да се пресметаат согласно колективните договори.

„Подучени од нечесните игри од некои несовесни и алчни работодавачи, бараме надлежните инспекциски органи веднаш да ги казнуваат сите несовесни и алчни работодавачи, очигледно само на тој начин може да се воспостави ред и почитување на законите, а истовремено и јавно да ги објавуваат нивните имиња се со цел работниците да бидат информирани“, велат од Сојузот.

Исто така посочуваат дека за газдите за кои нема да бидат преземени соодветни мерки, како за исплатата на минималната плата така и за исплатата на финансиската поддршка од државата, по пријава на работниците, ССМ ќе поднесе Кривични пријави по член 166 од Кривичниот законик.

До минатиот месец, минималната плата беше 14000 денари.