Минималната плата ќе се покачи на 14.500 денари

Новата минимална плата во земјава ќе изнесува 14.500 денари, се договорија денеска Владата, претставниците на Синдикатите, Организацијата на работодавачите и Стопанските комори.

„Пред точно две години, во 2017 година минималната плата ја покачивме за 3.500 денари и до денеска таа изнесува 12.507 денари, а од сега натаму таа ќе порасне за уште 2.000 денари и ќе изнесува историски највисоки 14.500 денари“, изјави премиерот Зоран Заев.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев посочи дека со ова покачување минималната плата ќе биде во рамките на минималната плата дефинирана со закон и во други земји во регионот, аспиранти за членството во Европската Унија.

Минималната плата во Босна и Херцеговина во моментот е 208 евра, во Албанија изнесува 211 евра, во Црна Гора е 222 евра, додека во Србија е моментално 230 евра.