Минхен: При оружен напад починаа девет лица, убиецот се самоуби

Девет загинати и 16 повредени, од кои тројца се во критична состојба, е епилогот од вчерашниот оружен напад во трговскиот центар во Минхен, Германија, соопшти полицијата. Се уште не е утврден мотивот за нападот на 18-годишниот Германец со иранско потекло, за кој полицијата вели дека се самоубил.

Ова е трет напад врз цивили во Западна Европа во последните осум дена, по насилството во Ница и Вирцбург.

Полицијата соопшти дека денеска ќе објави детали за нападот, а во меѓувреме побара од луѓето да испратат какви било снимки кои би можеле да им помогнат. Неофицијално, специјалните сили го пребарале домот на убиецот во областа Максвордстат.

По нападот, министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер нареди да се спуштат знамињата на половина копје низ Германија, во почит на мртвите.

Канцеларката Ангела Меркел го одложи својот одмор и ќе заседава со вонредната седница на Националниот совет за безбедност, која треба да се одржи денеска.

Властите велат дека Минхен се враќа во нормала. Јавниот транспорт повторно функционира откако синоќа беше целосно затворен, а може да се забележат и луѓе како положуваат цвеќе пред трговскиот центар Олимпија.

Првите дојави за пукањето пристигнаа нешто пред 18 часот, по локално време. Сведоци велат дека напаѓачот почнал да пука кон граѓани на улицата „Ханауер“, а потоа се префрлил во трговскиот центар.

На социјалните мрежи се појави видеоснимка на која се гледа моментот кога напаѓачот го вади оружјето и почнува да пука, додека луѓе бегаат.

Друго видео, пак, покажува како напаѓачот шета на покривот од трговскиот центар, пред повторно да започне да пука. Во еден момент, може да се слушне како вика кон лицето кое снима, велејќи „Јас сум Германец“.

Идентитетот на напаѓачот се уште не се открива, иако според полицијата тој во Минхен живеел повеќе од две години. Неговото тело било пронајдено на еден километар од трговскиот центар.

Шефот на полицијата во Минхен во изјава за новинари рече дека убиецот не и бил познат на полицијата и дека немал познати врски со милитантски групи.

Нападот се случи само четири дена откако млад азилант од Авганистан прободе и повреди пет лица во воз во Баварија, пред да биде застрелан од полицијата. Исламската држава подоцна објави видео од 17-годишниот Авганистанец во кое тој се заканува.