Минатата година фосилните горива биле забранети во 43 градови во светот

Бројот на градови кои делумно или потполно ги забраниле фосилните горива, во 2020 година скокна за пет пати, односно на 43 градови, додека 1.300 градови со вкупно милијарда жители имаат цели или политики за обновлива енергија, стои во извештајот на тинк-тенк групата „РЕН21“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во Извештајот за глобалниот статус на обновливи извори во градовите за 2021 година се наведува дека градовите во кои живеат 55 отсто од светската популација се одговорни за 75 отсто од глобалните емисии.

Групата „РЕН21“ истакнува дека брзата замена на фосилните горива со обновлива енергија во системите за греење, ладење и транспорт е пресуден фактор за успех на климатските стратегии на градовите.

„Заради своето големо влијание на климата, градовите се најдобриот избор за планирање, развој и градење на обновлива иднина. Но, премногу често, нивниот потенцијал за таква трансформација е во голема мера недоволно искористен“, вели извршната директорка на „РЕН21“, Рана Адиб.

Таа додава дека во урбаните и густо населените области е тешко да се преточат амбициите за ниски емисии на јаглерод во реалноста, и дека на националните влади им се потреби пари, капацитет и пред се да им се препушти законодавната моќ на локалните власти.

Покрај 43-те градови, кои минатата година воведоа забрана на фосилни горива за греење и транспорт, што е пет пати повеќе отколку во 2019 година, во извештајот се открива дека уште 20 градови имаат намера тоа да го направат наскоро.

Според извештајот, минатогодишниот карантин кој нагло го парализираше сообраќајот и потполно го промени начинот на живот, резултирал со почист воздух и помала бука, и „им овозможил на граѓаните да видат како изгледаат алтернативите на преполните патишта и загаденото небо“.

Исто така, во документот се наведува дека на глобално ниво, 830 градови во 72 земји имаат обврзувачки цели за обновлива енергија, а скоро 800 спроведуваат мерки за поддршка на проекти за обновлива енергија во нивните градови.

Повеќе од 10.500 градови низ целиот свет имаат усвоено цели за намалување на CO2, додека скоро 800 се обврзале на нето нула емисии, што е повеќе од 100 градови од 2019 година.