МИМ: Транспарентноста на регулаторот зајакната, но не е целосно спроведена

И покрај тоа што новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (2013) дополнително ги зајакнува основите за зголемување на транспарентноста и одговорноста во работењето на регулаторот, сепак во праксата често има случаи кога правилата се почитуваат само формално.

Ова се дел од наодите од мониторингот на имплементацијата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Македонија, спроведен од страна на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а во рамки на проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“.

„Процедурите за именување членови на Советот на Агенцијата, објавувањето на финансиските документи или процедурите за доделување дозволи, што е суштината на законодавството и на европските стандарди, понекогаш се занемаруваат.

Независноста на регулаторното тело претставува едно од најспорните прашања во областа на медиумската политика во изминатите две децении. Именувањето членови на регулаторот беше и останува под силно влијание на владејачките политички партии.

И покрај тоа што во законите од 2005 и од 2013 беа вградени механизми со цел да се спречи злоупотребата на регулаторот за политички и бизнис интереси, за негови членови често беа именувани политички соодветни кадри, наместо истакнати професионалци.

Оваа практика резултираше со некомпетентно регулаторно тело, подложно на политички и бизнис влијанија, кое честопати носеше одлуки во корист на таквите интереси. Продолжувањето на мандатот на старите членови на Советот, по усвојувањето на нов закон во 2005 и во 2013 година не придонесува кон стекнување кредибилитет и доверба во независноста на регулаторот.

Тоа е против духот на законот и на меѓународните стандарди, и е клучна причина за зајакнување на клиентелистичките врски. Процедурите на доделување дозволи продолжуваат да бидат главната причина за загриженост. Постојат сомневања дали навистина процедурите за лиценцирање се целосно отворени, непристрасни и регуларни.

Некои информации укажуваат на тоа дека постапката за доделување дозволи или за трансформирање на дозволите на одредени медиуми блиски до владејачката партија е однапред утврдена. Ваквите практики придонесуваат за недоверба во регулаторот и во неговата посветеност на транспарентноста, како еден од клучните принципи за заштита на неговата независност.

И покрај недостигот на одредба во Законот од 2013 година со која јасно се истакнува дека работата на регулаторот е јавна, Советот на Агенцијата ја искажа својата определба да ги почитува принципите на транспарентност во самиот Деловник“, се вели во најновиот извештај на МИМ.

Покрај наодите, од Институтот посочуваат одредени препораки со кои би се подобрила транспарентноста и одговорноста на регулаторот во очите на јавноста и групите од интерес.

„Советот прави обиди да покаже поголема транспарентност и одговорност во очите на јавноста и групите од интерес преку различни механизми. Тоа е, секако, позитивен чекор во споредба со претходните состави на регулаторното тело. Сепак, кога на дневен ред се информации за финансиското работењето на регулаторот или треба да и’ се презентираат на јавноста, однесувањето на регулаторот е спротивно.

Во 16 таквите случаи, транспарентноста е нарушена. Дискусијата и одлучувањето на затворени седници или одржувањето т.н. „координативни” состаноци пред седниците чија содржина останува непозната, ги зголемува сомнежите дека регулаторот не е целосно транспарентен и отчетен во својата работа.

Системот заснован на заслуги, определен со Законот, треба да биде целосно, независно и непристрасно применет во процедурите за именување на членовите на Советот на Агенцијата.

Секое именување на членовите на регулаторното тело треба да биде јавно дискутирано во тек на парламентарната процедура, при што ќе се земат предвид експертизата, квалификациите, исклучителните достигнувања и кредибилитетот на кандидатите, потребни за извршување на активностите на регулаторот, како и за зајакнување на јавниот интерес во рамки на мисијата на регулаторот.

Потоа, Агенцијата треба да демонстрира целосна транспарентност на сите одлуки и активности, кои треба да бидат проследени со детално образложение, а особено во оние случаи за кои постојат спорни информации. Регулаторот може да го ограничи пристапот до информации единствено за стриктно доверливи прашања, при што ќе му даде приоритет на јавниот интерес.

Исто така, Агенцијата треба да ги носи одлуките за доделување дозволи на отворен, транспарентен и непристрасен начин, при што тие ќе бидат отворени за јавна контрола, со што можностите за политички притисоци и влијанија ќе се сведат на минимално ниво.

Дополнително, во процесот на доделување дозволи, Агенцијата треба да го земе предвид нивото на политички плурализам и треба да преземе мерки за негово зајакнување, особено во телевизискиот сектор.

За крај, од МИМ сметаат дека агенцијата треба да продолжи со јакнење на својата улога во рамки на медиумскиот систем, преку развивање и споделување на својата експертиза, податоци и анализи. Преку честа комуникација со јавноста, регулаторот може да ја стекне довербата на јавноста и да ја искористи за заштита на сопствената независност, во однос на одредени политички и бизнис интереси, како и за едукација на јавноста.

Целиот извештај насловен „Транспарентноста на регулаторот зајакната, но не е целосно спроведена“ е достапен на овој линк.