Локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, оваа година во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза да не ја одржи официјалната прослава со едночасовно исклучување на осветлувањето. Сепак, оттаму ги повикуваат граѓаните да го направат тоа од својот дом.
„Знаеме дека за да изградиме иднина во хармонија со природата ни треба и мир меѓу луѓето. Затоа, овогодинешниот Час на планетата Земја нуди момент на солидарност со сите народи кои страдаат од војни и конфликти ширум светот; шанса за нашата глобална заедница да го изрази она што им е важно, заеднички да преземеме позитивни активности и да повикаме на свет каде што луѓето и планетата ќе можат да напредуваат заедно“, вели Ѓорги Селков, претседател на локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија.
Часот на планетата Земја досега имал славенички тон и ги повикувал луѓето да учествуваат во спас на природата и планетата Земја. Оваа година, како одговор на конфликтите во Украина, тонот е сочувствителен, обединувајќи се во глобална солидарност.
„Важно е да се нагласи дека законите на природата се нарушуваат и кога ја уништуваме природата, но и кога ги уништуваме луѓето. Нашето мото е – природата и луѓето“ – потенцира Селков.
Инаку, својата поддршка кон акцијата ја најавија повеќе од 190 земји ширум светот, меѓу кои и Македонија.
Од Сиднејската опера каде што Часот на планетата Земја започна во 2007 година, преку споменикот на Христос Спасителот во Бразил, Колосеумот во Италија и Емпајер Стејт Билдинг во Америка – повеќе атрактивни светски локации потонуваа низ годините во симболичен едночасовен мрак испраќајќи порака за посигурна, позелена и почиста иднина.
„Часот на планетата Земја 2022 го повикува светот да се обедини во момент на солидарност за луѓето и планетата. Знаеме дека покрај многуте предизвици со кои се соочуваме, особено во овие невидени времиња, 2022 година останува да биде критична година за планетата, нашиот заеднички дом. Оваа година светот ќе се собере за да се направи нов климатски договор, и ова претставува можност еднаш во една деценија лидерите да се договорат за планот за враќање на загубата на природата до 2030 година и изградба на позитивна иднина за природата“, изјави Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа – WWF.
„Часот на планетата Земја“ ќе се одржи оваа сабота, на 26 март, кога во 20:30 часот по локално време милиони луѓе ширум светот симболично ќе го исклучат осветлувањето во период од еден час во момент на солидарност за луѓето и планетата Земја.