Милиони деца во Јемен не знаат кога ќе го добијат следниот оброк, предупредуваат хуманитарните организации

Уште милион деца во Јемен се во ризик поради глад, предупреди организацијата „Save the Children“.

Цената на храната расте, а вредноста на валутата во Јемен опаѓа поради конфликтот, па голем број семејства не е во состојба да обезбеди храна. Уште една закана доаѓа поради борбите кои се водат околу главното пристаниште Худајда, преку кое доаѓа најголемиот дел од хуманитарната помош од светот, кое е под контрола на бунтовничките сили.

Хуманитарните организации предупредуваат дека 5,2 милиони деца во Јемен се соочуваат со глад, пренесува ББЦ.

Јемен е опустошен од конфликтот кој ескалираше на почетокот на 2015 година, кога бунтовничките Хути ја презедоа контролата на поголемиот дел од западот на земјата и го присилија претседателот Абдрабух Мансур Хад да избега од земјата. Вознемирена поради засилување на групата, Саудиска Арабија и уште седум арапски држави интервенираа во обид владата да се врати во земјата.

Поради војната, во Јемен доцнат плати за наставниците и државните службеници. Некои од нив немаат примено плата скоро две години. Цената на храната е за 68 проценти повисока од пред воениот конфликт.

Во меѓувреме јеменскиот ријал изгубил околу 180 проценти од неговата вредност и на почетокот на месецов падна на најниско ниво во историјата.

Стравувањата остануваат од можни последици од блокадата на пристаништето по кое пристигаат намирници за основните животни потреби, неопходни за превенирање на глад и појава на епидемија од колера што минатата година опфати милион луѓе.

„Милиони деца не знаат кога ќе го добијат следниот оброк. Во една болница која ја посетив во северен Јемен, бебињата беа премногу слаби за да заплачат, изнемоштени се од гладот. Оваа војна може да убие цела генерација на деца во Јемен, тие се соочуваат со повеќе закани – бомби, глад и болести како колера“, изјавила Хел Торинг-Шмит, директорката на „Save the Children“.

На почетокот на овој месец организацијата соопшти дека 400 илјади деца под пет години се неухранети и предупреди дека повеќе од 36 илјади деца можат да умрат пред да наполнат една година.

Според податоците на Обединетите Нации, скоро 10 илјади луѓе загинале во конфликтот, од кои две третини се цивили, додека 55 илјади луѓе се повредени.