Милијардер од САД ќе ги исплати долговите на 400 студенти

Милијардерот Роберт Ф. Смит соопшти дека ќе ги исплати студентските долгови на сите дипломци од генерацијата 2019 на колеџот „Морхауз“.

За време на обраќање на колеџот, каде студирал и Мартин Лутер Кинг, Смит најави дека неговото семејство ќе го исплати долгот на целата генерација студенти. Проценките се дека студентскиот долг изнесува околу 40 милиони долари.

„Во име на осумте генерации на мојата фамилија кои живееле во оваа држава, ние ќе ставиме малку бензин во вашиот автобус“, изјави Смит.

Тој на церемонијата беше прогласен за почесен докторант на колеџот, а претходно најави подарок од 1.5 милиони долари за колеџот.

22-годишниот студент, Арон Мичом за „Асошиејтед прес“ направил пресметка дека за да го исплати долгот од 200 илјади долари би му биле потребни 25 години одвојувајќи по половина од својата месечна плата. По исплатата на Смит, тој долг повеќе го нема.

„Можам да ја избришам пресметката. Нема да треба да јадам путер од кикиритки целиот живот. Шокиран бев. Сите плачевме. Тоа беше момент во кој почуствувавме како ни паѓа голем товар од грбот“, рекол Мичом.