Милица Трпевска: Сè е потешко за слепите лица, но нема откажување

„Уште од средно училиште знаев дека работите за мене ќе одат многу потешко, но споредувајќи се со другите имав волја да продолжам. Понекогаш е добро да се споредуваш со другите, за да видиш уште колку треба да работиш за да се развиеш себеси, не за да бидеш како нив, туку заради самиот себе“, вели Милица Трпевска од Тетово, која и покрај тоа што е слепа, живее и работи самостојно после многу труд и маки.

Милица успеала сама да ги научи основните вештини без кој никој не може да најде вработување – познавање на англиски јазик и работа со компутери. Била одлична ученичка и студентка, дури и кога сите потребни материјали не ѝ биле снабдени.

Основно образование завршила во „Димитар Влахов“, училиштето за деца и младинци со оштетен вид. Бидејќи се чувствувала подеднакво способна како и останатите деца, средно завршила во „обична“ гимназија.

Како говорник на настанот „Сите пречки се мали ако луѓето се големи“ на организацијата „Младите можат“, Милица ја започна својата одисеја до успехот од самиот почеток.

„Не постои оглас за вработување, па дури и за волонтирање, без две барања – познавање на англиски јазик и работа на компјутер. Мене, како лице со попреченост, тие две работи не ми беа понудени како на другите, и ми требаше повеќе труд да ги научам“, раскажува Милица.

Вели дека се соочила со многу проблеми и скршена волја додека стигне до таму каде што е сега, но не се откажала.

Клучниот момент кој ја натерал да научи англиски, иако немала учебници и вежбанки од кои може да чита, била една единица во средно училиште.

„Првиот ден после таа единица се запишав на индивидуални часови по англиски. Ги препишав целите учебници на Брајова азбука, почнав да слушам аудио касети, музика, филмови, и со многу труд го научив англискиот јазик“, раскажува Милица.

Две години подоцна, кога била трета година во средно училиште, со помош на Младинскиот образовен форум успеала да добие учество на камп во САД – Лидерски институт за млади од Југоисточна Европа. Таму престојувала 40 дена, и иако веќе совршено го познавала англискиот јазик, се соочила со друг голем предизвик на новото време – работата со компјутери.

„Го сфатив тоа како мој недостаток – сите ми предначеа бидејќи јас не можев да работам на компјутер“, вели. Додава дека тогаш не ни знаела дека постои начин слепо лице да ракува со компјутер. „Недостатокот“ го носела со себе и на факултет – се запишала на новинарство и политички науки на Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија.

Почетокот бил тежок, раскажува Милица. Сета работа на факултетот се работела на компјутер, алатка која дотогаш ѝ била непозната. Размислувала да се откаже, но на универзитетот нашле решение за нејзиниот проблем. Професорката на која ѝ се обратила ѝ рекла дека слушнала за случај во кој слепо лице користи компјутер. Нашле курс за работа со компјутери во Софија, па Милица секој викенд морала да патува од Благоевград до Софија за да го совлада и тој предизвик.

„Кога видов дека не знам ниту да куцам на копјутер, на копчињата на тастатурата лепев Брајови знаци со селотејп, и после три-четири дена непрестано вежбање ја научив“. Со многу труд и мачење, денес може да се пофали дека ја има и неопходната вештина за вработување број два. Но, доколку не била самата упорна, вели, сè уште ќе се чувствувала еден чекор зад останатите.

Во првата година на факултет едвај имала просек да ја задржи стипендијата. До крајот на студиите станала една од најдобрите студентки.

Нејзината желба за самостојност ја однела и на пракса за студенти по новинарство во Вашингтон. Но, токму самостојноста ѝ била најголема пречка. Дотогаш постојано имала пријатели и семејство кои ѝ помагале во секојдневниот живот, но во Америка од неа се очекувало сама да се снаоѓа во просторот и да се грижи за себе. Така, вели таа, стигнала до третиот најголем предизвик, но и успех на кој е горда во својот живот.

Таму, раскажува, посетувала обука за независен живот, каде во рок од пет месеци научила да се ориентира во просторот, да готви, да се справува со домаќинството без ничија помош.

„Таму имав многу успони и падови, не одеше сè како подмачкано. Неколку пати дури и се изгубив во Вашингтон. Имав многу моменти во кои сакав да се откажам, но сето тоа вредеше, затоа што по завршувањето на факултетот и учењето на сите тие вештини, веќе не се двоумев. Не се затворив дома, туку веднаш почнав да барам работа“, вели.

Сиве овие години ја водела истата мотивација – да биде способна како сите други, иако има сетилна попреченост. Вели дека е компетитивна по природа, и дека додека гледала како сите околу неа можат нешто без особен напор, чувствувала поттик да го совлада.

Во последните три години таа работи на проектот за вработување на УСАИД, каде им помагала на млади лица, некои од нив со попреченост, да најдат вработување. Сега бара ново работно место.

„На сите лица со попреченост би им порачала да најдат организација која би им помогнала да учествуваат на младинска размена, да научат самостојно да живеат и да видат како е барем за неколку недели или месеци да се излезе од дома. Тоа сега е полесно од било кога. А, пред да го направите тоа, доколку ги немате оние први две работи – познавање на англиски јазик и работа со компјутери, обратете се до невладините организации кои можат да ви помогнат“, апелира Милица.

С.Т.