Микросам Академијата која 10 години дава бесплатни обуки ќе прерасне во колеџ

Микросам АД од Прилеп која веќе 10 години вложува во својата заедница со организирање бесплатни обуки за сите млади луѓе преку Микросам Академија за таленти го одбележа важниот јубилеј. Тие објавија дека досегашната Микросам Академија, од неформално образование ќе прерасне во формална, висока школа – Микросам колеџ.

Од компанијата велат дека е неопходно постојано инвестирање во личниот развој и интелектуалниот капитал на своите вработени и идни потенцијални кадри од сферата на машинството и електротехничките науки, но и промена на пристапот на работа, образование и размислување.

Покрај бесплатните обуки за возрасни, тие го основаа и клубот за талентирани средношколци каде бесплатно се изучуваат курсеви за Програмирање во С++, MatLab – програмски јазик, 3Д моделирање, но се уредуваат и статии на Википедија. Средношколците работат во тимови на проекти кои се директно поврзани со технологиите кои ги развива Микросам, користејќи најсофистицирани сетови за роботика (Robotis, Robix, Vex, Sphero, Lego mindstroms nxt), а се работат и проекти поврзани со математика, физика, компјутерско програмирање, софтверско инженерство, хемија. На Меѓународниот летен камп за деца од 8 до 18 години  пак се спроведуваат кратки курсеви за програмирање, роботика и 3Д моделирање, композитни материјали, притоа вршејќи поврзување на програмирањето со роботиката.

„Она што ја прави Микросам Академијата толку популарна се современите методи на учење, мултимедиско образование, мотивацијата, елементите на самостојното учење, реалното животно искуство итн. Микросам АД располага со богата печатена библиотека со стручна литература и дигитална библиотека. Интерактивното одвивање на наставата е посебно значајно, поради што директно и практично го насочува студентот кон проблематиката со која во иднина и реално ќе се соочи“, велат од компкомпанијата Микросам, кои целосно ја спонзорираат академијата каде досега низ интензивните обуки минале над 200 возрасни луѓе и повеќе од 300 талентирани средношколци.