Микрофестивалот „Бостание“ 2025 на тема „Градини на заедништво“ се случува утре

Утре, 20 септември, во 14 часот ќе започне микрофестивалот „Бостание“ 2025 во истоимената општествена градина во Ново Лисиче. Годинава темата на фестивалот е „Градини на заедништво“ и ќе понуди разновидни образовни и забавни активности, наменети за сите возрасти.

„Настанот започнува во 14 часот и ќе трае до вечерните часови, со активности како работилници, готвење, изложба и музичка програма“, велат од граѓанската организација „Зелената арка“.

На почетокот на „Бостание“ ќе се отвори изложбата „Мала архитектура во природа од Студио 3 при Архитектонскиот факултет – Скопје, по што ќе има прошетка низ градината. Од 15 часот ќе започне активноста насловена „Мама(ми)чита градинарски приказни“.

Потоа ќе се одвиваат работилниците за креативно рециклирање, слатки зачини од градинарството, компостен чај според методот на д-р Илејн Ингам, како и работилница за печат со „Партизанска штампа“.

„Понесете си маички, крпи, престилки за да си отпечатите нешто“, советуваат од „Зелената арка“ за последната работилница.

Како што додаваат организаторите, во текот на настанот, од 15 до 18 часот, ќе се готви храна со разни плодови од градината, а годинава „кулинарската авантура“ ќе биде заедно со шефот Марк и неколку негови ученици.

Фестивалот е исполнет и со музичка програма, која ќе ја отвори аудио артистот Ishjan Twin (Ишџан Твин). По него ќе настапат „Eyes of Wonder“, „Чалгија Sound System“, „Јордан Костов квинтет“ и Vico – „StereoHemia Records“.

„Настанот е поддржан од ‘International Visegrad Fund’ и е отворен за сите, кои се заинтересирани да ја посетат градината, да научат нешто за здруженото градинарство, да учествуваат во работилниците или едноставно да уживаат во добрата музика, закуските и градината“, поентираат од „Зелената арка“.

Инаку, во октомври минатата година со отворен настан со работилници, дружење и музика, „Зелената арка“ заедно со пријатели и граѓани од повеќе генерации го прославија петтиот роденден на Општествената градина „Бостание“, со што одбележаа и пет години од почетокот на здруженото градинарство во Скопје.

Димитар Самарџиев од „Зелената арка“ за Радио МОФ зборуваше за активностите во градината, какви видови култури тука растат, но и зошто е важно да се гради колективен дух кон градинарењето.

Оваа солидарна заедница дава живот на градината, а таа пак дава придонес кон остварување на концептот за отпорен град и здрава животна средина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)