Микела Магас, Жена иноватор на Европа за 2017: Треба да ставаме акцент на најдобриот талент кој го имаме, а не на родот

Микела Магас е Жена иноватор на Европа за 2017 година, која преку своите иновации поврзува два навидум различни светови – технологијата и уметноста. Таа проучува каде лежи иднината на музичката индустрија и технологијата, спојувајќи ги во футуристички изуми, преку Stromatolite Лабораторијата за дизајн и иновација и проектот #MusicBricks. Воедно е и основачка на Music Tech Fest, глобална платформа на повеќе од 5000 креативни иноватори и научни истражувачи, каде се спојуваат иновации од секакви области  од невронауката и пошумувањето, па сè до микросметање.

Магас беше една од говорниците на Next Generation конференцијата организирана од Сивус и Сивус Инкубатор. Во разговор со Радио МОФ, зборуваше за иднината на технологијата и уметноста и за тоа како е да се биде успешна жена во индустрија доминирана од мажи.

Во вашата биографија пишува дека сте „катализатор на иновации кој ги спојува световите на науката и уметноста, дизајнот и технологијата и академските истражувања и индустријата. Повеќе од 20 години создавате иновации. За многумина, ова се сосема различни светови, но вие некако успевате да ги комбинирате преку своите иновации. Како ви успева сето ова?

Првото нешто на што настојував кога се обидував да ги спојам сите овие нешта на едно место, а сите велеа дека е невозможно, е да имаме човечко присуство во создавањето на овие производи. Така настана Music Tech Fest. Сакав да бидеме сите заедно, во една соба, фокусирајќи се на нешто што е надвор од сопствената експертиза. Сите доаѓаат од различни области, па имавме голем предизвик – да најдеме нешто што е заедничко за сите, нешто во што сите можат да го вложат своето знаење и што сите можат да го совладат. Но, дополнително, да можат да со направат преку создавање, а не преку дискутирање. Или, „да си ги извалкаат рацете, како што би се рекло“.

И функционираше одлично, бидејќи уметноста и актот на создавањето го „преведуваат“ вашиот ум во нешто опипливо и гледате опипливи резултати. Би се вчудовидиле од знаењето кое други луѓе можат да го вложат и кое доаѓа од друга перспектива. И потоа сфаќате колку е тоа важно за вашиот личен развој, кои се придобивките од ваквото изложување во ново знаење. Луѓето беа скептични, но од самиот почеток имаше огромен број на присвојувања на овој пристап.

Беше ли ризично да се започне со овие иновации?

Мислам дека сè што правиме има елементи на ризик. Претпоставувам дека не беше ризично, бидејќи на почетокот мојата амбиција беше да направам неколку мали работилници, па бев многу скромна. Но бидејќи вложив многу напор во сето тоа, се оствари. Сепак, музиката е прекрасно „социјално лепило“, ги интересира луѓето подалеку од специјалистите за музичката индустрија. Поминав 60 часа во кампања со секој еден потенцијален клиент и се согласивме дека е крајно време за ваква технологија која ќе нè спои. Дополнително, сите ја кажаа истата работа – причината поради која сакаат да бидат дел од мојот настан е што во центарот на сите активности се става креативноста, наместо досадни разговори на бироа од кои сме презаситени. Овде се вклучија голем број на луѓе, од извршни директори до истражувачи и ѕвезди на стартап сцената, како Spotify или Shazam.

Многу од вашите клиенти се светски познати компании, како Епл, Нокија, ФИФА и многу други. Беше ли лесно да се стигне дотаму, од личност со идеја, до бизнис жена која игра „во прва лига“?

Всушност, беше сосема обратно. Како дипломец на Кралската академија на уметности, ме учеа да размислувам како да решавам поголеми проблеми и како да го менувам човековиот светоглед. Како студенти кои излегле од кралски колеџ, познати сме како луѓе кои ги вработуваат големите фирми, кои работат на кампањи и лансирања на идни производи. Така што, мојот успех не беше толку невообичаен. Она што беше невообичаено, и нешто што го направив повеќе пати, беше што напуштив доброплатена работа, за да развивам сопствени идеи. Таму лежеше ризикот.

Иако е 2017 и се приближуваме кон еднаквост секој ден, жените во технологијата и науката сè уште ги има малку и се помалку платени од своите колеги мажи. Вие, од друга страна, сте успешна иноваторка, за што ја добивте и наградата Жена иноватор на Европа за 2017 година. Сте биле ли третирани подобро или полошо – на било каков начин поразлично од машките колеги во вашата кариера?

Дефинитивно. Во некои кругови, да. Има предрасуди, има луѓе кои се неуки. Се работи за чисто незнаење. Во основа, секогаш им велам на луѓето многу јасно – не се трудам да бидам како мажите. Далеку од тоа, носам женска перспектива во играта, а тоа е неверојатно многу важно. Тоа е прекрасен баланс. Најпрво, ако ја игнорираме женската работна сила во оваа област, тогаш игнорираме 50 проценти од нашата интелигенција. Ние губиме. Тоа е апсолутно глупаво.

Жените во бизнис сферата се многу игнорантни и самите, а тоа не е баш интелигентен став. Многу е важно да се стави акцент на најдобриот талент кој го имате, без разлика на родот. Претприемништвото, како што реков и претходно, е состојба на умот, а не род. Ајде да престанеме да зборуваме како да е така!

Какво влијание имаше Music Tech Fest во полето на иновациите?

Прилично е неверојатно. Мојата намера не беше да има влијание во полето на иновациите, првичната амбиција беше само да ги соединиме луѓето во ист простор и да ги поместиме нанапред границите на знаењето и тоа што може да се направи, од перспектива на индустрија која во тоа време умираше одвнатре – музичката. Навистина не знаеше како да се носи со себе. На некој начин напредуваше, но она што ни го покажа е дека да се почне со музиката како социјално лепило и како начин на комуницирање, мора да се вметнат и други начини на комуникација. Така што, кога еднаш ќе ги оставиме настрана само читањето и пишувањето, имаме нов начин на комуникација кој има огромна предност во пренесувањето на знаење.

Вашиот пристап е „уметност во комбинација со наука“. Во последно време, видовме голем прогрес овде – вештачка интелигенција која ги имитира сликите на познатите уметници, или алгоритам кој компонира музика. Како личност која работела и инвестирала во многу иновативни идеи кои ги спојуваат уметноста и науката, каде мислите дека лежи прогресот на технологијата?

Ова се всушност многу основни работи. Овие примери кои ги спомна, се секогаш првите примери на кои помислуваат луѓето. И ме потсеќа на тоа кога ја измислиле филмската камера, и првото нешто што го снимиле, бил авион. Не помислиле дека можат да менуваат, да сечат и лепат кадри, да вметнат свој наратив во приказната. Тоа дошло многу подоцна. Започнале со основите.

Слично и со вештачката интелигенција – првото прашање беше: „Како да направиме репродукција на позната слика?“. Вистината е дека треба да знаете кои се можностите на вашата алатка, за потоа да можете да ја користите на добар начин. Ако навистина знаете што сè можете да правите со својата креација, тогаш можете да примените и критичко размислување какво што користиме во уметноста. На тој начин, го применуваме и креативниот пристап кон уметностите, во решавањето на проблеми, а тоа е неверојатно вредно како вештина.

Технологијата е веќе интелигентна и хиперповрзана и чува секакви податоци, а ние се изразуваме преку симболи. Токму таму гледам развој на креативното размислување и артистичкото изразување – нови пазари кои можат да се развијат од гледањето на нештата на визуелен начин.

За крај, како иноватор и како жена, што би има порачале на сите млади луѓе, но особено на девојчињата и жените кои имаат идеја и мотивација, но не знаат како да започнат нешто свое?

Размислувајте креативно. Секој добар бизнисмен во науката и технологијата наоѓа и уметност. А, таквото размислување се развива од најмала возраст, бидејќи за децата доаѓа природно. Децата треба да учат по програми кои се пофутуристички, кои дозволуваат и учење на покреативен начин и кои им дозволуваат слободно да се изразат.

Младите жени кои сакаат да започнат свој бизнис треба да си зацртаат дека нема стигма и не треба да има стигма во однос на нивниот род. Би сакала да видам повеќе жени во вакви инкубатори, како Сивус, и би била среќна ако го поттикнам и охрабрам тоа. Разликата е во тоа што сега ако си иноватор, не значи дека си бубалица која слуша хард рок музика и си антисоцијален, туку да бидеш само суперкреативна жена која прави нешта кои ја интересираат, и ги постигнува преку поврзување со други луѓе. Не мора да бидете специјалист за технологија. Доколку имате идеја, најдете некој кој знае да ја „преведе“ за да се примени во технологијата. Затоа ние се трудиме да ги поврзуваме младите преку вакви настани.

*Во прилог, целосниот подкаст со Микела Магас, на англиски јазик

Стефанија Тенекеџиева