Микал „rysiek“ Вознијак од OCCRP е говорник на ENGAGE 2020

Микал „rysiek“ Вознијак е надлежен за безбедноста на инфраструктурата и информациите на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project – OCCRP).

Тој има технолошка, политичка и активистичка позадина. Пред да се приклучи на OCCRP, тој раководел со слободен софтвер наменет за невладини организации и соработувал со голем број организации со седиште во Европската Унија кои работат во областа на дигиталните човекови права.

Неговите главни интереси вклучуваат безбедност на информации, приватност во дигитална ера, управување со Интернет (вклучувајќи цензура, надзор, Интернет неутралност), реформа на авторските права, писменост на дигитални медиуми. Вознијак е ко-автор на „Net Neutrality Compendium“ и „Media and Information Competencies Catalogue“.

Тој е дел од говорниците на ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22-ри февруари со почеток во 12:00 часот во МКЦ, Скопје. Тој ќе зборува на темата „Технологијата и иднината на демократијата“.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.