Михајло Грбевски – Мишко на 11 октомври ќе ја промовира „Rock N` Beat“ во „Калинка“ во Прилеп

Промоција на книгата „Rock N` Beat“ на Михајло Грбевски – Мишко, која содржи 50 интервјуа со македонски, балкански и светски музички имиња главно од рокенрол сцената, ќе се одржи оваа сабота (11 октомври) од 12 часот во клубот „Калинка“.

Во книгата има интервјуа со Армен Сурмејан, Влатко Стефановски, Горан Трајковски, Кирил Џајковски, Петар Младеновски, Кирчо Арсовски, Душан Којиќ-Која, Давор Гобац, Милан Фрас (Laibach), Џони Ротен (Sex Pistoils / PIL), Ијан Гилан (Deep Purple), Дејвид Ковердејл (Whitesnake), Били Гибонс (ZZ Top) и многу други.

Авторот Михајло Грбевски-Мишко веќе рече дека планот за книгата не бил само за да постои како таков формат – книга, туку „Rock N` Beat“ да биде собирно место за интервјуата што ги работел.

„Тоа да остане како наследство за некои нови генерации, кои во ова време тешко и ретко може да сретнат интервјуа со музичари. Имаме интервјуа со политичари, со разни сектори, но кога станува збор за музичари, сѐ помалце може да прочитаме“, посочи Грбевски на промоцијата во Скопје.

Кога ќе се прочитаат сите интервјуа, дополни тој, ќе се сфатат размислувањата на самите музичари.

„Размислувањето за создавањето на нивните авторски дела, општеството, различни работи. Воопшто различни размислувања од музичари од различни генерации. Секоја генерација носи свои ставови, затоа мислам дека ќе биде добра книга за сите што сакаат да прочитаат и научат општо за рокенрол музиката“, нагласи Грбевски.

Инаку, промоцијата ќе биде збогатена и со сешн-свирка од локални музичари.