Михаил Ренџов е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата

Михаил Ренџов е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за книгата „Јас. Елегии“ на Струшките вечери на поезијата.

„Книгата „Јас. Елегии“ од Ренџов е комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност. Поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма се хармонична тријада врз која е цврсто втемелена книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и таа неспорно претставува творечко резиме на овој автор“, стои во образложението на жири- комисијата во состав: Глигор Стојковски (претседател) и членовите: Димитар Пандев, Кристина Николовска, Иван Џепаровски и Јовица Тасевски Етернијан.

„За мене беше восхитително и тоа што сум во најтесниот круг од 38-те пристигнати поетски ракописи. На овие години да се добие наградата е најпрвин поклонение на Браќата Миладиновци, а и признателност за 25-те книги што досега ги имам напишано. Трудот не бил залуден, и во оваа заодност на животот најдов причина и понатаму да пишувам“, изјави поетот Ренџов.

На годинашниот конкурс пристигнаа 38 поетски книги, од нив жирито селектираше пет збирки, а во најтесниот круг се најдоа „Јас. Елегии“ на Ренџов и „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски.

Наградата „Браќа Миладиновци“ е востановена во 1963 година како признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала. Таа е најголемата национална награда за поетско творештво во Република Македонија. Оваа година СВП за половина го зголеми фондот на најпрестижната книжевна награда за творештво на македонски јазик, а како дел од истата е и превод на книгата на добитникот на еден странски јазик.

По претпладневното поетско Матине во манастирскиот комплекс во Калишта, денешниот ден на Струшките вечери продолжува со поетското кафе со претставници на поетски фестивали и платформи од странство, вечер на современата македоснак поезија, поетски портрети и читања до доцна во ноќта.