Германскиот возач Михаел Шумахер се бори за живот

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, германскиот возач Михаел Шумахер се бори за својот живот по тешкиот пад за време на скијањето на француските Алпи.

Михаел Шумахер се бори за животХоспитализиран во одделението за интензивна нега во болницата во Гренобл, каде бил пренесен со хеликоптер од скијачкиот центар Мерибел во реонот на Албервил.

Според извештаите, 44-годишниот Шумахер удрил со главата во карпа додека скијал во скијачкиот центар Мерибел на Француските Алпи, надвор од означената патека заедно со неговиот 14-годишен син. Иако носел скијачки шлем, тој не помогнал да ја спречи тешката повреда, предизвикана од ударот во карпата.

Од болницата во која е примен беше соопштено дека Шумахер има тешки повреди на мозокот и се наоѓа во кома. Неговата здравствена состојба е критична, а лекарите биле принудени да му извршат итна операција на главата за да се запре внатрешното крварење.

Шумахер во октомври минатата година по вторпат се повлече од автомобилските писти и трките на Формула 1. Првпат се повлече во 2006 година по еден пад во Шпанија, возејќи моторцикл. Но се врати во трките во 2010 и остана три сезони во Формула 1, без да успее да ги повтори претходните резултати од својата богата кариера.

На тркачките патеки остана 19 години, успевајќи да победи во 91 трка. Седум пати беше светски шампион, првпат во 1994 и потоа во 1995 година, како и петпати по ред, од 2000 до 2004 година.