Мигрантите не се добредојдени во данските ноќни клубови

По бројните поплаки за вознемирување на жените-посетители на ноќните клубови низ Данска, повеќе сопственици на дискотеки почнале да спроведуваат „јазични контроли“ на влезовите, со кои дозволуваат влез само на оние посетители кои зборуваат англиски, германски или дански јазик.

Иако проблемот со вознемирувањето во ноќните клубови насекаде е добро познат (и се уште чека конструктивен пристап за решавање), акцијата на данските клубови е прецизно насочена кон странците, поточно кон мигрантите од Блискиот Исток и Северна Африка.

„Многумина од бегалците и барателите на азил, кои излегуваат преку викенд, не ги знаат правилата. Кога ќе видат девојка, тие полудуваат, се обидуваат да ја допрат или ја влечат за алиштата“, вели Рафи Ибрахим, сопственик на клубот „Хадерслев“, кој и самиот е емигрант од Сирија.

Разбирливо, забраната за влез на мигрантите во дискотеките наиде на остри критики – локалната канцеларија на Амнести интернешнал ја нарече оваа пракса „дискриминаторска“:

„Не можете да направите генерално правило кое вели дека не можете да влезете ако доаѓате од конкретна земја која правела проблеми претходно“, велат од организацијата.

Данска се однесува прилично строго со мигрантите, а новиот закон, кој треба да биде усвоен оваа недела, предвидува конфискација на вредните предмети од мигрантите, за да „се покријат трошоците за новно домување во земјата“. Законот ќе им дозволи на властите да ги конфискуваат од мигрантите сите предмети чија вредност надминува 1.340 евра.

Високиот претставник за бегалци на Обединетите нации ја опиша севкупната данска реакција на кризата со мигрантите како „длабоко загрижувачка“.