Мигрантите го напуштаат привремениот камп Диавата

Бегалците и мигрантите го напуштаат времениот камп кој се наоѓа во близина на бегалскиот прифатен центар Диавата во близина на Солун, јавува грчката агенција АНА-МПА, пренесе Радио Слободна Европа. Според агенцијата, околу 300 луѓе веќе заминале или чекаат автобуси да заминат. Тие беа собрани во Диавата со надеж дека ќе го продолжат нивниот пат кон западна Европа.

Во текот на вчерашниот ден бегалците и мигрантите се судриле со грчката полиција која одговорила со солзавец, при што, како што се јавува, повреден е еден фоторепортер. До инцидентот дошло откако дел од насобраните фрлале камења и шишиња кон полицискиот кордон во обид да го пробијат и да тргнат кон границата со Северна Македонија.

Мигрантите и бегалците дошле во Диавата од четвртокот, по лажните информации дека ќе имаат организирано патување до западните земји преку македонско-грчката граница, а инциденти имало и во петокот. Македонските власти соопштија дека будно ја следат ситуацијата на јужната граница и дека се подготвени за реакција и во случај на зголемен притисок.