Миграциите во фокус на Cinedays денеска

На денешниот репертоар на Cinedays, европскиот филмски фестивал што се одржува од 12 до 21 ноември во Скопје, фокусот е ставен на темата миграции.

Од 12 часот се одржува меѓународна панел дискусија за миграциите, во Младинскиот културен центар, а истовремено во киното Фросина се прикажува турскиот филм „Некои ги викаат левантинци“ на Раџип Таранч.

Вечерва, во кино Милениум ќе се прикаже филмот „Дипан“, приказна за поранешен воин од Шри Ланка, кој со жена и девојче бара азил во Европа, пристигнувајќи во Париз, каде се обидуваат да водат нормален живот. Организаторите на фестивалот ќе оддадат почит за загинатите во нападите во Париз со тоа што проекцијата на овој филм ќе биде бесплатна за посетителите.

Воедно, ќе се дава и филмот „Мојата мајка“ на Нани Морети.

Од Официјалната селекција вечерва ќе се прикажуваат дебитантскиот филм на Ребека Кремона „Симшар“ и романскиот филм „Светот е мој“.

Во рамки на програмата за музички документарни филмови пак, публиката ќе може да го проследи филмот „Секс и пренос“, за радиото WFMU од Њу Џерси што ја разоткрива најуникатната станица во светот и обидот на Кен Фридман да ја одржи во живот наспроти постојаната опасност од нејзино затворање.

Распоредот на филмовите за денеска може да го погледнете овде.