Microsoft признава дека автоматското шпионирање на Windows 10 не може да се спречи

Промените за надоградување на Windows 10 од минатата недела значат дека ќе станува сé потешко за корисниците на Microsoft кои немаат многу познавање од технологија да не бидат принудени на користење на новиот оперативен систем на компанијата.

Но, со оглед на тоа дека Windows 10 е подобар од Windows 7 и Windows 8, зошто тоа би претставувало проблем? Поради автоматското следење на системот, објаснува Forbes.

Во разговор со PC World, потпретседателот на Microsoft, Joe Belfiore, објасни зошто Windows 10 константно следи како системот оперира и како се користи, и ги праќаат тие информации назад до Microsoft. Уште поважно е што тој потврди дека и покрај понудувањето на можности да се исклучат елементите за следење, собирањето на основни податоци не може да се спречи.

„Во случаите каде не сме овозможиле избор, мислиме дека ваквите работи имаат врска со здравјето на системот“, вели тој. „Во случај да се испостави дека системот кој ние го создадовме паѓа, или има сериозни проблеми при работата, мислиме дека е од голема помош за екосистемот и не е толкав проблем на лична приватност, што денес ги собираме податоците за да го направиме искуството подобро за сите во иднина“.

Сепак, Belfiore признава дека оваа одлука е контроверзна, потенцирајќи: „Ќе продолжиме да слушаме што пошироката јавност има да каже за овие одлуки. Нашата крајна цел е да ги балансираме добрите работи со комплексноста на воведувањето на голема контрола“.