Премиерот Христија Мицкоски денеска рече дека нема да има данок за немажени и неженети, ретерирајќи од својата изјава пред два денови, која предизвика реакции во јавноста и граѓанскиот сектор што се загала за заштита на човековите права.
„Се разбира дека нема да има таков данок. Се извинувам на тие кои можеби погрешно ја протолкуваа таа иницијатива. Но, факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија. Факт е дека како претседател на Владата, моја одговорност е да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина. Затоа што јас сум претседател на Владата што длабоко се занимава со демографијата и демографските движења не само во Македонија, туку и пошироко. Но, можам да заклучам дека ние тивко исчезнуваме и изумираме. И, тоа поминува така незабележано, како да е општоприфатен факт со кој треба да се помириме“, рече Мицкоски по денешната седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според премиерот, неодговорно би било од негова страна да се помири со тоа што во 2016 година се родени 23.000 бебиња во Македонија, а во 2024 година – 16.000.
„Тое е рецесија од 30 отсто. Во 2021 година сме имале повеќе од 13.300 бракови, а три години потоа во 2024 година 11.100 бракови. Тоа е 17 отсто рецесија“, рече Мицкоски.
Како што кажа, со вакви параметри, кога тој би бил сопственик на компанија, тогаш „озбилно би се позанимавал со тоа што правиме“ и „каква ќе биде иднината“.
Воедно, тврди Мицкоски, нема да биде одговорно ако премолчел, воедно се радувал на јавната дебата, а притоа му пишувале и луѓе дека Владата треба да излезе со финансиска поддршка.
„Не е тоа решението. Зошто? Затоа што, еве, (да ја земеме) една од најбогатите светски економии, а тоа е Јужна Кореја. Држава со најнизок фертилитет во светот. Според Гардијан има потрошено 270 милијарди долари последниве 15 години, а според Си-Ен-Ен – 200 милијарди долари, за да стигне до стапка на фертилитет до 0,75%. Главниот град Сеул има стапка на фертилитет од 0,5%. Тоа значи две мајки раѓаат едно дете“, посочи Мицкоски.
Тој ги спомена и Грција, Полска, Германија што трошеле средства во однос на фертилитетот. Оттука, рече дека „не е до финансиите туку до срцето, главата, желбата и умот“.
„Затоа, треба од најмлади да работиме со децата. Затоа, инститирам во читанката, како поим за семејство, наместо ‘јас, мама и тато‘ да стои ‘јас, мама, тато, бато и дада‘. Ако сакаме да опстоиме како народ, нација и држава – тоа е иднината. Мора да се бориме против ова. Јас јавно повикувам на ваква дебата. Сите заедно да видиме што може да направиме“, рече Мицкоски.
Премиерот дополни дека излегол на избори со програма каде немало „родител 1 и родител 2“, туку „татко и мајка“.
„Излегов на избори каде семејството беше прво. Каде имаше парада на семејството. И, тоа е мојата гордост – семејната парада. Тоа е иднината на мојата држава. Може некој ќе ми замери. Тоа е тоа. Не можам на сите да им погодам. Но, ова е политиката што ќе ја водам додека сум претседател на Владата“, нагласи Мицкоски, повторувајќи дека нема да има никакви даноци, туку целта било да испровоцираат јавна дебата.
Инаку, по изјавата на Мицкоски на 4 јули, вчера од Владата за СДК.мк рекоа дека станува збор за прашање за кое уште се размислува.
„Се размислува и се разгледуваат можностите за воведување на дополнителни даноци кои ќе бидат во насока на пошироките напори за враќање на вербата и справување со демографската рецесија за што претседателот на Владата имаше свое поопширно излагање“, одговорија од Владата.
Меѓувремено се појавија различни реакции. Од Мрежата за заштита од дискриминација изјавата ја окарактеризира како длабоко загрижувачка и закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оцени дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторски, бидејќи, како што велат, ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.
„(Исто така) го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост“, стои во реакцијата од Мрежата.
Реагираа и од Коалиција Маргини. Од таму ја осудија изјавата на Мицкоски дека „време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени ќе се вратат“.
„Во земја каде што една третина од жените се невработени, каде жени умираат при породување и нивните органи се крадат, каде самохраните мајки се оставени без поддршка, каде ЛГБТИ луѓето, како и сите што живеат надвор од хетеронормативниот модел, немаат ниту елементарно признание и правна можност за градење заедници, каде што сиромаштијата е структурна состојба, а пристапот до труд селективен, исклучувачки и непредвидлив – да се зборува за зголемување на наталитет како политички хоризонт, а не како резултат на веќе постојна нееднаквост, е политичко лицемерие кое не само што не нуди решение, туку го засилува проблемот“, реагираа од Маргини.
Според Маргини, масовната миграција е резултат на долгорочна економска несигурност, корупција, непотизам и институционален колапс – состојби кои, како што рекоа, актуелната власт не само што не ги решила, туку активно ги одржува.
„Премиерот бесрамно тврди дека ќе ‘живееме со повеќе срце’ ако се мажиме, раѓаме и се враќаме дома. Во држава каде што срцевите заболувања се водечка причина за смрт, каде што загадениот воздух го прави секое вдишување ризик, каде што здравствениот систем е нефункционален, а телото се третира како трошок – апелот на Мицкоски не звучи како повик на живот, туку како замаглување на неправдата што го одбива истиот тој живот“, посочија од Маргини.
Бојан Шашевски