Метаморфозис: Ден на слободата на медиумите – најголема закана се дезинформациите околу Ковид-19 пандемијата

Фондацијата Метаморфозис, по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите, порачува дека оваа година справувањето со ширењето на Ковид-19 е предизвик кој дополнително го нагласува значењето на пристапот до кредибилно известување и информации.

Во продолжение ви го пренесуваме нивното соопштение за јавноста во целост:

„`Слободниот печат е оној каде што е во ред да се изнесе заклучок до кој сте стигнале по пат на докази.` (Бил Мојерс)

Денеска е 3 мај, Меѓународниот ден на слобода на медиумите, кој се одбележува 27 пат, и секоја година одбележувањето на денот е пропратено од различни предизвици. Оваа година се справуваме со ширењето на Ковид-19 пандемијата и во овој момент од уште покритично значење е пристапот до кредибилно известување и информации.

Фондацијата Метаморфозис им се заблагодарува на сите колеги новинари, пријатели, партнери и донатори за нивната поддршка во заштитата на медиумските слободи и во обезбедувањето на отворен, безбеден и еднаков пристап до информации на кои може да им се верува и он-лајн и оф-лајн во овие критични времиња.

По повод денешниот Меѓународен ден на слободата на медиумите – Трети мај,  генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на поголема заштита на новинарите, нагласувајќи дека тие обезбедуваат противотров за пандемијата од дезинформации што ја следи кризата предизвикана од ширењето на корона-вирусот

Како што нагласува УНЕСКО годинава главните предизвици пред кои е исправено новинарството се дезинформациите поврзани со корона-вирусот.

Република Северна Македонија воопшто не е имуна на ваквите случувања, напротив, напливот на дезинформации поврзани со Ковид-19 е исклучително висок во македонските медиуми но и на социјалните мрежи. До толку што може да води кон ширење на заразата и да предизвика непотребни жртви кај оние граѓани што им веруваат и ги следат неоснованите и ненаучните совети од страна на разно-разни квази доктори кои се шират преку непрофесионални медиуми и илјадници профили на социјалните мрежи.

Фондацијата Метаморфозис одамна ги воочи негативните последици кои што може да произлезат од напливот на дезинформациите и потребата од точна, проверена и кредибилна информација, што во време на Ковид-19 пандемијата се покажа како исклучително важно. Изминатата деценија Метаморфозис разви богата медиумска програма што во последните неколку години прерасна во посебен дел од работата на фондацијата означен како Медиуми за демократија. Целта е да се обезбеди токму информирање на јавноста базирано врз факти. Тоа ја вклучува работата на планот на едукација за медиумска писменост и развој на критичкото мислење преку Критинк, потоа проверката на фактите во медиумите преку proverkanafakti.mk, отчетноста и транспарентноста преку vistinomer.mk, како и точното и проверено известување, анализите на податоци и визуелизациите преку meta.mk и portalb.mk.

Иако слободата на медиумите во земјава според мерењето на меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ во последните неколку години бележи подобрување, односно од 118 место во светот, Северна Македонија се искачи годинава на 92 место, сепак претстои уште многу работа и медиумски реформи додека да се постигне посакуваната цел.

Истражувањето за реформите во медиумскиот сектор кое го спроведе Метаморфозис лоцираше проблеми во медиумските реформи во четири главни области:

  • Нема стратегија за медиумскиот сектор и нема искажани намери за подготовка на таквата стратегија;
  • Нема доволно политичката волја кај сите релевантни политички чинители и во власта и во опозицијата да се дистанцираат во целост од влијанието врз уредувачката политика на медиумите;
  • Реформите во јавниот радиодифузен сектор, пред сè во Јавниот сервис МРТ/НРТ и во регулаторната агенција ААВМУ не се спроведуваат иако законските предуслови беа остварени уште пред повеќе од една година;
  • Барање од самите медиуми, големи приватни радиодифузери, но и весници и портали, неселективно да добиваат финансии или други субвенции директно од буџетот, од локална самоуправа или од јавни претпријатија или акционерски друштва во државна или мешовита сопственост.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ , во рамките на своите заложби за слободни, независни и професионални медиуми, смета дека директното доделување на јавни средства ги става медиумите во позиција која води кон подривање на уредувачката независност и медиумската слобода, кон нарушување на интегритетот и зголемено политичко влијание. Државната финансиска помош за медиумите не треба да се врши преку директно доделување средства, туку помошта треба да се доделува преку други начини, како што е намалување на даночните стапки и ослободување од давачки при вработување за новинари и да биде наменета само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми“, се наведува во соопштението на Метаморфозис.