МЕСО бара одговор за исклучувањето од Сојузот на синдикати

Иако поминаа цели два месеци откако Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) до Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) поднесе Приговор на одлуката за исклучување од составот на ССМ, се уште немаат добиено никаков одговор, соопштија од МЕСО.

Оттаму реагираат дека иако приговорот бил уредно пријавен, но се уште не е ставен на дневен ред ниту на Претседателството ниту на Советот на ССМ.

„Уште повеќе, Претседателот на ССМ, Живко Митревски, упорно одбива да закаже седница на Советот на ССМ само за да не го стави на дневен ред Приговорот на МЕСО, оневозможувајќи го на таков начин Советот на ССМ да решава и по другите тековни работи од своја надлежност“, велат од МЕСО.

Тие повторуваат дека МЕСО е нестатутарно исклучен од ССМ и исфрлен од зградата, а ваквата постопка , според нив, дополнително го нарушува на угледот на ССМ и на синдикалното движење во Македонија.

[ВИДЕО] МУЛТИЕТНИЧКИОТ СИНДИКАТ ЗА ОБРAЗОВАНИЕ ИСФРЛЕН ОД ЗГРАДАТА НА ССМ

Од МЕСО додаваат дека веќе е поведена судска постапка за поништување на одлуката за исклучување на МЕСО од ССМ, а од надлежните органи е побарано да ја испитаат и кривичната одговорност на Претседателот на ССМ, Живко Митревски, по основ на неговата злоупотреба на функцијата.

Мултиетничкиот синдикат за образование ги повикува и сите вработени во образованието, кои се разочарани од штитењето фотелји наместо права од работен однос од страна на раководството на СОНК, да не се пасивизираат од синдикалната борба и да им се приклучат.