Месните и млечните компании ќе ја надминат нафтената индустрија како најголеми светски загадувачи

Компаниите кои произведуваат месо и млечни производи се на пат најмногу да придонесуваат за климатските промени, надминувајќи ја дури и индустријата на фосилни горива, покажува нова студија на непрофитните Институт за земјоделски и трговски политики и ГРАИН.

Во анализата се истражуваат 35-те најголеми компании во светот кои произведуваат месо и млечни производи и открива дека тие биле многу таинствени околу нивните податоци за емисиите кои ги испуштаат, додека само малку од нив имале цврсто поставени цели кои треба да го намалат загадувањето.

Доколку овие индустрии продолжат со досегашната пракса, авторите на студијата предупредуваат дека сточарството може да биде одговорно за 80 проценти од дозволените количини на стакленички гасови до 2025 година.

„Не постои друг избор. Месната и млечната продукција во државите каде доминираат најголемите 35 компании мора значително да биде намалена. Овие корпорации лобираат за трговски договори со кои ќе се зголеми извозот и емисиите и тие ги поткопуваат вистинските климатски решенија како агроекологијата која им користи на фармерите, работниците и потрошувачите“, вели Девлин Кујек, истражувач од ГРАИН.

Кога ќе се соберат меѓусебно, најголемите пет производители на месни и млечни производи веќе произведуваат повеќе штетни емисии од трите нафтени гиганти ЕксонМобил, Шел и Бритиш Петролеум.

Кина, САД, Европската Унија, Канада, Бразил, Аргентина, Австралија и Нов Зеланд заедно се одговорни за преку 60 проценти од глобалните емисии од месо и млечни производи – што е двојно повеќе од остатокот од светот по глава на жител.