Мерките на надлежните институции за намалување на жртвите во сообраќајќи не се ефикасни, оцени ДЗР

Во периодот од 2020 до 2023 година во Македонија се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица. Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди. Нова национална стратегија за безбедност во сообраќајот нема, а последната, за периодот од 2015-2020, не ги постигнала целите. Исто така, потрошени се големи средства, повеќето заеми, за повеќе проекти, кампањи и изработка на стратегии за транспортот и безбедноста, а целите не се постигнати. 

До овие наоди доаѓа Државниот завод за ревизија (ДЗР) при спроведување на ревизија на тема „Безбедност во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“. Оттаму ја спровеле ревизијата со цел да дадат одговор на прашањето „Дали надлежните институции управуваат со безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата на ефикасен начин“. Ревизорите истакнуваат дека јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата.

„Оценивме дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво“, велат од ДЗР.

Според спроведената ревизија, втората Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за период 2015-2020 година е последна донесена национална стратегија за подобрување и зајакнување на системот за управување со безбедност на патиштата. Во периодот од нејзино донесување до денот на ревизијата, не е изработен ниту еден документ за евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на нејзината реализација, од причина што Владата нема формирано Координативно тело надлежно за наведените активности. Исто така, ДЗР утврди дека целите на стратегијата не се постигнати.

„Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции“, посочуваат од ДЗР.

Број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители од земјите на Западен Балкан во период 2019-2023 / Графикон: ДЗР

Еден од документите е Национална транспортна стратегија 2018-2030, која претставува оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната Заедница, ратификуван од Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт. За изработка на оваа стратегија потрошени се 12,9 милиони денари (210.000 евра), обезбедени од ЕУ преку програмата ИПА 1.

„Во извештајот на Транспортната заедница за 2023 година, нотирано е ниско ниво на вкупниот напредок во спроведувањето на Акцискиот план за безбедност на патиштата во РСМ, кое пред сè се должи на недостиг од национална стратегија за безбедност на патиштата за период 2021 – 2030 година, како и незавршени активности за измена на законската регулатива и формирање на Агенција за безбедност на патиштата“, нагласува ДЗР.

Постои и Национална стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032  – ИТС. Таа, како што велат од заводот, е изработена во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за чија подготовка се реализирани 17,7 милиони денари (288.000 евра) со заем од МБОР-Светска банка, одобрен во 2019 година.

„Ревизорите утврдиле бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви“, стои во извештајот.

Дополнително, од ДЗР велат дека Собранието има обврска на предлог на Владата да донесе Стратегија за развој и одржување на државните патишта, чие спроведување е во надлежност на Министерството за транспорт. Како што пишува во извештајот, од пропишувањето на оваа законска обврска во 2008 година до денот на вршење на оваа ревизија, наведената Стратегија не е донесена.

„Направени се измени во законската регулатива од предметната област во насока на зајакнување на мерки и активности за поголема безбедност на патиштата како што се оцена на влијанието на безбедноста на патиштата, но истите важат само за ТЕМ патиштата (државни патишта распоредени во мрежата на меѓународни патишта и кои се надоврзуваат на соодветни патишта на соседните држави), а нивната примена ќе започне по пристапувањето на државата во ЕУ“, информира ДЗР.

Понатаму, ревизорите ги анализираат надлежните институции, почнувајќи од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„МВР има воспоставено база на податоци за сообраќајни незгоди на патиштата во државата, која овозможува евидентирање на податоците за случени сообраќајни незгоди, но не е во целост усогласена со CADaS протоколот (минимален сет на стандардизирани податоци кој овозможува споредливи податоци за сообраќајни незгоди и анализи на Европско ниво), бидејќи не се внесуваат географските координати на локацијата на сообраќајната незгода поради недоволна техничка поддршка од опрема со која располага МВР“, согледуваат тие.

Анализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди. Најголем број се случиле на територија на СВР Скопје -41%; СВР Тетово – 14%; СВР Битола и Охрид – 9%,  Штип- 8%, Куманово – 7%, Велес и Струмица – 6%.

Сообраќајни незгоди по видови / Графикон: ДЗР

„При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол“, истакнува ДЗР.

Причини за исклучување од сообраќај / Графикон: ДЗР

Со Законот за возила е уредено МВР да води Регистар на возила со цел воспоставување систем за размена на податоци меѓу субјектите од областа на возилата за одобрување, пуштање на пазар, технички преглед, регистрација и пуштање во сообраќај на патиштата. Во извештајот се посочува дека Регистарот на возила се’ уште не е воспоставен, поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.

Според ревизијата, системот „Safe City“ (Безбеден град) со кој располага и управува МВР, е имплементиран и функционален повеќе години за што во континуитет се обезбедуваат средства за одржување, но истиот се’ уште не се користи за документирање на сообраќајни прекршоци и за изрекување на казни поради неприлагодена законска регулатива.

„И покрај континуираните напори  на МВР за зајакнување на човечките и материјалните капацитети, постои потреба од зголемување на бројот на вработените во одделните СВР, набавка на опрема, како и модернизација на софтверските апликации за обработка на податоците поврзани со сообраќајни незгоди“, оценува ДЗР.

Од друга страна, за подобрување на поврзаноста на регионалните и националните патишта со главните Европски коридори, како и подобрување на капацитетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за безбедност на патиштата и отпорност на климата, во октомври 2014 година склучен е Договор со МБОР-Светска банка за заем во износ од 52 милиони евра (3,2 милијарди денари).

Средствата од заемот се користат за финансирање на Проектот за рехабилитација на национални и регионални патишта / Графикон: ДЗР

„Средствата се потрошени, а целите не се постигнати“, константира заводот.

Ревизорите укажуваат и дека за унапредување на сообраќајното образование и воспитување на учесниците во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќај и патишта (РСБСП) континуирано спроведува едукативни кампањи, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

„За реализација на кампањите во период 2019-2023 година, од планираните средства во вкупен износ од 37 милиони денари, најголем дел, односно 39% се однесуваат за изработка на материјали за кампањи, а 21% за надоместоци за работни групи ангажирани за кампањите. Утврдивме дека РСБСП не врши мерење на постигнатиот ефект од спроведените кампањи како индикатор за подобрување на истите“, стои во извештајот.

Додека, од страна на Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, набавени се софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, за намени поврзани со безбедноста во сообраќајот, а кои до денот на изработка на Конечниот ревизорски извештај не се користат од ниту една институција. Според извештајот, Министерството за транспорт е надлежно за реализација на проектот за поврзување на локални патишта.

„Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, не задоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите“, заклучува ДЗР.

Ревизијата даде препораки за надминување и подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка за процесот на управување безбедноста во сообраќајот, зајакнување на човечките, финансиските и техничките капацитети на институциите, како и воспоставување на систем за мониторинг и евалуација на ефектите од спроведените активности.

Ангела Петкова