Мерката за вработување млади до 29 години заинтересирала 68 компании

Четири дена по стартот на мерката за стимулирање на вработувањето на млади до 29 години, 68 компании поднеле барања за користење на поволностите, информираат од Владата. Со оваа мерка компаниите се ослободуваат од плаќање социјалните придонеси за период од 12 месеци, а имаат обврска вработениот млад човек да го задржат уште една година по истекот на субвенцијата.

 68 компании заинтересирани за мерката за вработување млади до 29 години

„Законските одредби предвидуваат од 31 декември до моментот на поднесување на барањето компаниите да немаат отпуштено лице врз основ на технолошки вишок, за да не се случи да отпуштаат веќе вработени лица за да ја користат мерката. Дополнително во периодот кога ќе ја користат мерката не смеат да го намалат бројот на вработените, а ако го отпуштат младото лице треба да вработат ново од истата категорија. Мислам дека заштитните механизми се добри, го опфаќаат и претходниот период, но и во време на користењето на мерката на поволности“, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Јелисавета Георгиевска, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, посочи дека интересот за користење на мерката од страна на приватниот сектор е голем.

„Оваа мерка е во контекст и на нашите ставови и очекувања за зголемување на вработувањата од една страна и намалување на невработеноста, особено задржувањето на младите лица односно намалување на одлив на младиот кадар“, рече таа.

Мерката опфаќа 45 илјади млади лица, од кои 20 илјади се регистрирале како активни баратели.