МЕР: Осуда за инцидентот на Водно, работникот ќе биде предмет на потенцијална дисциплинска постапка

Македонски енергетски регурси (МЕР) АД Скопје најавуваат можни санкции откако граѓани реагираа дека на багерист му било наредено да ги гази, додека се обидувале да спречат копање за гасоводот на сртот на Водно.

„Напоменуваме дека вербалниот инцидент кој го предизвикал работникот не е политика на однесување на МЕР и се коси со протоколите за работа.  Варбалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на проверка и потенцијална дисциплинска постапка“, велат од МЕР, потенцирајќи дека граѓаните имаат неприкосновено право на изразување на сопствен став и изразуваат подготвеност да ги продолжат разговорите со еко здруженијата.

Во однос на градежните активности, потврдуваат дека продожила национална гасификација на трасата преку Водно.

„Активностите се на потег на кој не е предвидена измена на траса, потегот за кој е добиено одобрението за градба и на кој нема дрвна маса. Се работи во согласост со новите мерки и мерките дефинирани во студијата за животна средина. Откако беа почнати активностите, се појавиле неколку граѓани кои на мирен начин застанале во близина на механизацијата. Градежните машини веднаш ги запреле активностите, после што еден од работниците започнал вербална расправа со активистите“, соопштија од МЕР.

Со своја осуда се јави и владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој рече дека правото на протест е загарантирано и никој нема право да го спречи.

„Вербалната расправија во која учествуваше службеник е недозволива и не смее и нема да има толеранција и силно го осудувам“, се огласи Бошњаковски.