Откако граѓанската иницијатива Го сакам Водно објави анализа-соопштение, со кое укажа на повеќе неправилности и побара да запре на гасоводот низ Водно, со своја реакција се јави Македонски енергетски ресурски.
Од МЕР тврдат дека делницата Скопје – Тетово – Гостивар продолжува според основниот проект кој што има правосилно одобрение за градба, и сите други потребни дозволи дефинирани со позитивните законски прописи.
„Изградбата е според сите стандарди на квалитет и безбедност. Ако има сомнеж или индикации за каква било повреда на некои законски постапки и прописи, ги повикуваме сите што евентуално поседуваат такви информации да се обратат до надлежните институции во рамки на правниот систем на државата. Воедно сакаме да информираме дека МЕР има постојана комуникација и соработка со гореспоменатото граѓанско здружение, со цел инклузивност, информираност и сеопфатност, и така ќе продолжиме и понатаму. Координацијата можеше да биде уште поефективна доколку граѓанската иницијатива воспоставеше појасна структура за комуникација со институциите, на што МЕР укажа некоку пати, и поради што се појавија извесни недоречености и недоразбирања“, велат од МЕР.
Сепак, велат тие, како резултат тие разговори произлегле низа предлози идеи и сугестии кои што придонеле за намалување на влијанието врз животната средина, па МЕР им се заблагодарува на нивниот придонес.
Напоменуваме дека Владата, МЕР и Град Скопје ги прифатија најголемиот дел од барањата и сугестиите, како што се: – Намалување и стеснување на работниот појас, измена од 20км до 24км, со цел избегнување на сечење на дел од шумата, направен е проект за дополнителни мерки за ерозија, Програма за рекултивација на која што веќе работи работната група, носење на закони за Водно, Матка и Гази Баба, за кои веќе се работи во надлежните
институции, финансирање на неколку еколошки проекти, за кои има одлука на влада, и ред други технички барања и сугестии“, соопштува МЕР.
Но, напоменуваат дека барањето за изнаоѓање алтернативна траса во оваа фаза на реализација на проектот, не е возможна, од „причини што неколку пати беа образложени“.
„Исто така, барањето на некои од иницијативите за откажување од проектот Гасификација е целосно неприфатливо бидејќи е спротивно на интересите на граѓаните, спротивно на
заштитата на животната средина и спротивно на очекувањата на бизнис заедницата. Во сите јавни дебати ги потенциравме нашите аргументи, а кои што беа потвредни од сите
стручни лица од областа, дека поминувањето на подземен гасовод низ јужната страна на Водно ќе има минимимални и сосема незанемарливи влијаниа врз екосистемот на Водно, и скоро никакви влијаниа врз амбиенталниот воздух на Скопје“, се вели во соопштението на МЕР.