Менторска мрежа „Стела“: Соединувајќи жени со различни позадини, се премостува поделбата и се создава мрежа на солидарност, знаење и искуство

„Многу сум охрабрена од позитивниот резултат што го дава мрежата и сум многу горда што ги сретнав сите овие амбициозни млади жени кои напорно работат на самите да создадат иднина“ вели за Радио МОФ, Лура Положани, една од менторките и коосновачките во „Стела“, менторската мрежа за образование која нуди лично менторство и служи како алатка за споделување на образовни и професионални можности.

Лура Положани

Taa нагласува дека менторството е одлично искуство бидејќи создава однос на поддршка и солидарност. Со младите девојки кои ги менторира, таа се обидува да ги сподели нејзините искуства, вклучувајќи ги и лошите, со цел да создадат отворен простор каде и двете може да се слободни да споделат некои недоразбирања што ги имале или грижи од кои може да се научи.

Целта на „Стела“ е да придонесе кон родовата еднаквост во земјава преку образовно и економско омоќување на девојките и жените. Соединувајќи жени со различни професионални, етнички, социоекономски и културни позадини, „Стела“ се обидува да премости повеќе општествени поделби и да создаде мрежи на солидарност, знаење и искуство.

Со вкупно 82 менторки од Македонија и регионот, но и од Италија, Америка, Турција и Англија, мрежата за менторство нуди советување на повеќе области како медицина, архитектура, ПР и маркетинг , новинарство, политични науки, економија, дизајн, но и ИТ.

„Стела“ како организација се официјализирала во 2018 година, но започнала како глобална иницијатива во 2017 година, кога поголем дел од основачките биле во странство на студии или со работни обврски, но со цел да го подобрат пристапот до високо образование и економско омоќување за жени и девојки во Македонија. Во 2018, „Стела“ воспоставила свое претставништво во Њујорк, со што привлекла менторки од целиот свет и се стреми кон креирање мрежи на солидарност, знаење и искуство во рамките на нашата држава, но и пошироко.

„Секојдневните предизвици со цел да се адресира родовата еднаквост, се дел од сите

Сара Миленковска

активности на тимот на „Стела“, тука тие се водени од меѓусебната поддршка и солидарност со цел да ги надминат“, вели Сара Миленковска, коосновачка и менторка во „Стела“.
Таа додава дека менторскиот процес постои не само меѓу менторките и менторираните девојки туку и помеѓу во тимот на „Стела“.

Истражувањето и искуството на „Стела“ низ Македонија покажало дека девојките и жените немаат финансиска и морална поддршка од семејството, додека пак традиционалните сфаќања за улогата на жената во семејството и општеството имаат сериозен импакт врз нивните избор.

„Личниот развој е поеднакво значаен како и професионалниот. Затоа менторството, не е само пренесување на вештини кои ќе ти помогнат за конкретна ситуција поврзана со академија, туку и еден вид солидарност низ процесите кои следат и знаат да бидат предизвикувачки. Во формалното образование не ги добиваме сите алатки, особено не во систем на вредности кој не е родово сензитивен“, велат од „Стела“.

Оттаму забележуваат дека повеќето академски институции и деловни субјекти немаат воведено и развиено систем на менторство, па така преку овие консултации се овозможува побрзо вклучување на секојдневните процеси, се подобрува работната и академската атмосфера и се подобруваат индивидуалните перформанси.

Во изминатите две години активностите на „Стела“ биле насoчени кон јакнење на девојките и жените од урбаните и од руралните средини преку градење сигурна платформа за споделување на предизвиците и можностите со кои се соочуваат тие, преку организирање на 20 дискусии во локалните заедници. Од неодамна, мрежата започнала и со активности за економско омоќување на жените и девојките преку организирање на обуки и информативни настани за претприемништво и можностите кои им стојат на располагање, додека на своите социјални медиуми мрежата понудила можности за академско и кариерно (до)усовршување и информирање за состојбата со родовата еднаквост во државата.

„Во моментов бидејќи ги стопираме активностите на терен, спроведуваме кратка обука овозможена преку нашите контакти во и надвор од Македонија, формирајќи врски и групна работа на лице место. Со цел да се прилагодиме на новите околности додадовме различни онлајн активности и за прв пат ќе имаме дискусија за СТЕМ со 6 доктори на науки со седиште во Лондон“ најавија од „Стела“.

Виѓиленца Абази, една од основачките и менторките во „Стела“, за Радио МОФ сподели дека била пријатно изненадена кога менторирала девојка од средно образование поради нејзината амбициозност, организираност и свесност, – со однапред подготвени информации и прашања.

Подготвеноста и дала дополнителна мотивација на Абази за помош при секој чекор, па сега тие две заедно чекаат да видат на кои универзитети е примена.

Виѓиленца Абази

Експертизата на Виѓиленца се правни студии и крерање политики, но не сите девојки што ги менторирала биле од тоа поле.

Но искуството на Абази најдобро ја објаснува идејата зад „Стела“ – дека менторството најпрво се базира врз човекова поврзаност и комуникација, па доколу девојките или жените дојдат со подготвени прашања, менторките се подготвени да дадат се од себе за да им помогнат во нивните предизвици.

“Она што е придобивка за нашите менторки и оние кои сакаат да бидат, е пред сѐ можноста за пренесување на сопствените навики и практики. Освен задоволството и споделувањето на солидарноста, тие дополнително развиваат професионални односи и го пренесуваат своето искуство. Со практикувањето на интерперсонални вештини и преку разбирање на одредени организациски структури, менторките успеваат да пренесат знаење кое не може формално да се пренесе“, велат од „Стела“.

Приклучувањето кон менторската мрежа на „Стела“ е бесплатно и за двете страни, единствено е потребна регистрација на нивната веб-страна.

Ивана Смилевска