Менталното здравје – стигма и предизвик за младите

„Менталното здравје не е првоаприлска шега!“ беше мотото под кое се одржа настанот посветен на менталното здравје, на Филозофскиот факултет при УКИМ, а во организација на младинската иницијатива „Hack the Mental Health Stigma”.

Учесниците имаа шанса да ги научат факторите кои влијаат врз креирање и одржување на стигмата поврзана со менталното здравје. Тиана Ивановска и Анита Јанчевска, едни од основачите на ПСИХЕСКО -Здружението на студенти по психологија, со неколкугодишно искуство во спроведување на едукации од областа на менталното здравје, говореа повеќе околу митовите и фактите поврзани со менталното здравје и психотерапијата, а воедно и за емоционалната интелигенција како еден од најважните аспекти на одржувањето на ментална благосостојба.

„Емоционалната интелигенција е клучен поим за стабилно и функционално ментално здравје. Всушност, кога зборуваме за менталното здравје, превенцијата на менталните заболувања е многу полесна кога индивидуата располага со висока свесност за сопствените емоции и процеси. Тогаш и самата индивидуа е отворена за соработка, бара стручна помош, умее да ги идентификува предизвиците со кои се соочува, а сето тоа влијае на поефикасно надминување на истите“, истакна Ивановска

„Емоционалната интелигенција е нешто кое се учи и се развива, нема ограничувања во поглед на тоа колку емоционално интелигенти можеме да станеме. Кога станува збор неа, најважно е да запомниме дека без разлика какви сме кон остатокот од светот, секогаш треба да бидеме искрени со себеси. Да бидеме искрени што чувстуваме и зошто го чувствуваме. Само така може да оствариме личен развој и благосостојба на умот и на телото“, забележа Јанчевска.

Фросина Ивановска, менаџерка на Прв семеен центар на Град Скопје говореше за насилство во интимни врски. Центарот кој таа го води е прво специјализирано советувалиште кое нуди психосоцијална поддршка и советување на семејства кои се во конфликтни односи, во кои акутно се врши насилство или пак во изминатиот период постоело семејно насилство. Присутните имаа можност да дознаат повеќе за ризик факторите и различните подтипови на насилство, да се запознаат со психолошките процеси и фази низ кои поминуваат жртвите и како околината влијае врз нив. Кон крајот на предавањето се дискутираа и последиците кои произлегуваат во вакви случаеви и начините за излез од ваквите несреќни околности.

Климентина Димовска и Драгана Нешевска, пак говореа за сексуалното вознемирување, како сертифицирани врснички едукаторки по Сеопфатно сексуално образование.

„Се радувам што сум дел од настанот на кој ќе зборувам за сексуалното вознемирување и последиците врз целокупното здравје кои би се јавиле како резултат на тоа. Поразителна е состојбата со која се соочуваме како едукатори за сеопфатно сексуално образование: млади лица чие секојдневие е исполнето со сексуално вознемирување, а не умеат ни да го препознаат како такво зашто е нормализирано, се смета за сосема обична појава“, вели Климентина Димовска

Говорник на оваа тема беше и Ана Попризова, училишен психолог и Гешталт терапевт која зборуваше за важноста на менталното здравје и како тоа е стигматизирано во рамки на образовниот систем низ кој поминуваат децата и младите.

На настанот се дискутираше и за медитацијата како алатка за одржување на смиреноста со инструкторот Слободан Трајковски,а се одржаа и две предавања за насилство во интимни врски и сексуално вознемирување.

Ова е прв настан на иницијативата „Hack the Mental Health Stigma“, од низата настани и активности кои ќе се случуваат во следниот период. Се работи за младинска иницијатива која има за цел да ја крене свеста за важноста на менталното здравје и сериозноста на последиците од сите видови насилство. Иницијативата произлезе од проектот „Младински лидерски иницијативи“, имплементиран од Младите можат, а поддржан од SEED и швајцарскиот национален младински совет.