Менталното здравје сѐ уште претставува табу тема, сметаат младинските организации

Систематски пристап на темата и едукација во рамки на училишните клупи, се дел од решенијата кои ги нудат младинските организации кои работат на темата на менталното здравје. Потенцираат дека менталното здравје сè уште претставува табу тема и е потребно подигање на свеста за овој проблем.

По повод 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје, Радио МОФ контактираше со Здружението на студенти по психологија – „Психеско“, младинската иницијатива „SHARE“ (Speak Honestly And Resolve Everything) и граѓанската организација „Младите можат“, кои се дел од организациите кои работат на оваа тема во државата.

Младите можат“ веќе три години имаат искуство во спроведувањето и поддржувањето на иницијативи за промоција на важноста од негување на менталното здравје, а велат дека темата иако започнува да се актуелизира помеѓу младите, за поширокиот дел од општеството сѐ уште е табу тема.

„Генералниот заклучок е дека менталното здравје кај нас веднаш се поврзува и асоцира со менталните болести и дека менталното здравје се третира како отсуство на болести. Причините за ваквите перцепции може да се најдат во различните околини во кои е опкружен еден млад човек“, велат од „Младите можат“ за Радио МОФ.

Во формалното образование, додаваат, воопшто не се опфатени темите за менталното здравје, образованието не се справува со проблемите на учениците, а овие теми се перцепирани како тешки и табу теми непогодни за во образовниот процес.

„Токму поради стигмата кај повозрасните, а воедно и кај професорскиот кадар во македонското образование, учениците не ја знаат улогата на психологот и ги мешаат улогите на психологот и од друга страна на педагогот во училиштата. Сето тоа доведува да учениците воопшто не ја знаат вистинската улога на психологот, немаат доверба да се обратат и да го посетат за проблеми со кои се соочуваат“, објаснуваат од „Младите можат“.

Тие потенцираат дека е потребен систематски пристап на темата, едукација за менталното здравје во рамки на училишните клупи, актуелизирање на вистинската улога на училишниот психолог и поттикнување на учениците да го посетуваат.

Психеско“ е здружение на студенти по психологија, кое воедно претставува и првото вакво здружение кај нас. Тие велат дека менталното здравје е подеднакво важно како и физичкото, а тие се во силен заемен и меѓузависен однос. Од здружението објаснуваат дека честопати нарушувањата на менталното здравје се манифестираат како физички сипмтоми и можат да предизвикаат физички потешкотии. Нивното непрепознавање и погрешно третирање може да доведе до посериозни проблеми.

„Нарушеното ментално здравје значи и нарушена општа добросостојба, нарушени интерперсонални односи, намалено задоволство од животот и има свои последици во сите сфери на живеењето“, велат од „Психеско“.

И од „Психеско“ стојат на ставот дека свесноста за менталното здравје се уште не е на некое оптимално и пожелно ниво.

„Сè уште постојат неиформираност, стигматизација и табуизирање поврзани со нарушувањата на менталното здравје и нивното соодветно третирање. Стапките на депресивност и анксиозност во сите категории на населението, а особено кај младите се се повисоки, изворите на стрес се се побројни, а неинформираноста и тишината го прават нашето ментално здравје се поранливо“, посочуваат од „Психеско“.

Објаснуваат дека е потребно подигнување на свеста за важноста на менталното здравје, причинителите и „типичноста“ на нарушувањата на менталното здравје и можните начини за превенција и терапија поради алармантноста на ситуацијата.

„Психеско“ сметаат дека е потребно систематско пренесување на ваквите информации и создавање средина во сите сфери на живеењето, а која би влијаела позитивно врз психичката добросостојба на луѓето, но и средина, за која што велат која ќе има поддржувачки пристап кон нарушувањата на менталното здравје и нивниот третман.

„Ова може да се постигне преку соработка помеѓу институциите, професионалците за ментално здравје, медиумите и граѓаните и преку инкорпорирање на практики за одржување и подобрување на менталното здравје како и систематско информирање во образованието и на работните места“, потенцираат од здружението.

Младинската иницијатива „S.H.A.R.E.“ е уште една во низата организации кои работат на оваа тема и се релативно нова иницијатива. За Радио МОФ објаснуваат дека менталното здравје е главно стигматизирано, а луѓето не се свесни што е всушност менталното здравје и колку е важна грижата за него.

„(Луѓето) не се запознаени со многу поими кои ги опфаќа менталното здравје, не се запознаени на кој начин можат да се справат со било каков проблем, не знаат дека голем дел од проблемите можат да се разрешат само со разговор, имаат страв од тоа споделување на проблеми со останатите луѓе“, велат од организацијата „S.H.A.R.E.“.

Објаснуваат дека работат на кревањето на свеста за менталното здравје со организирање на повеќе работилници.

„Сакаме да издвоиме акцент на тоа дека е многу важно да се споделуваат проблемите, претежно тоа ни беше првичната идеја, самата иницијатива се вика Speak Honestly and Resolve Everything, со самото тоа што тие ќе ги споделуваат проблемите и ќе говорат за проблемите што се дел од нашето/нивното секојдневие на некој начин ќе имаат подобро ментално здравје, ќе бидат многу психички постабилни“, потенцираат од „S.H.A.R.E.“.

Десетти октомври е денот кога се одбележува Светскиот ден на менталното здравје, а овој ден се одбележува од 1992 година, во организација на Светската федерација за ментално здравје со поддршка на Светската здравствена организација.

Мартин Колоски