Менструацијата не е луксуз – ќе се собираат потписи за намалување на ДДВ-то на менструалните производи

За да ја намалат „даночната дискриминација“, Новинарите за човекови права почнуваат со собирање 10.000 потписи за намалување на ДДВ-то на производите за менструална хигиена, од 18 на 5 отсто. Нивната цел, како што велат, е овие производи да бидат подостапни за секоја девојка и жена, нагласувајќи дека менструацијата не е луксуз.

Тие денеска го одбележаа Меѓународниот ден на менструалната хигиена, презентирајќи резултати од анкета во која учествувале 110 ученици од средните училишта „Зефљуш Марку“, „Панче Арсовски“ и „Шаип Јусуф“ во Скопје.

Анкетата покажала дека 55 од младите кои учествувале во истражувањето, се изјаснале дека немаат услови за да се грижат за своето менструално здравје. Покрај ова 35 отсто не знаат што е сексуално репродуктивен период, 30 отсто воопшто и не разговараат на оваа тема. Меѓу учениците во анкетата, три отсто рекле дека користат хартија или сличен производ, како замена за некој од менструалните производи.

Според Наташа Доковска од Новинари за човекови права, секое девојче во училиштата треба да добие бесплатен пакет со помошни производи.

„Менструацијата не запира во пандемија, што значи дека треба да одиме понатаму, да ги едуцираме младите, да бидат подготвени да се изборат за своето здравје“, посочи таа.

Заедно со Британската амбасада обезбедиле бесплатни менструални производи за две училишта – едно во Ресен и едно во Тетово, но Доковска посакува тоа да се случи во сите училишта.

Образованието игра клучна улога

Според Даниела Николова, професорка по филозофија, една девојка засекогаш ќе се сеќава на денот кога ја добила својата прва менструација и како што истакна, тој нов период никако не треба да претставува тегобност.

„За жал, токму тие денови во месецот се вистинска тегобност. Поразува фактот што 15 проценти од девојчињата користат весници наместо хигиенски влошки, дека 90 отсто од девојчињата во руралните средини отсуствуваат од настава токму поради тие денови од менструалниот циклус. Ова укажува само на фактот дека неинформираноста, робувањето на предрасуди и сиромаштијата се насекаде околу нас и тоа е сериозен проблем. А проблемите мора да ги решаваме“, забележа таа.

Николова смета дека обрааованието игра клучна улога во надминување на овие проблеми.

„Во свет на брзи, нови информации, најразлични форми на кои младиот човек може да се едуцира, навистина е недозволиво младите луѓе да немаат информации за своето здравје и како тоа да го заштитат. Исто така, недозволиво е во брз и економски развој да се негува и се уште да ја имаме менструалната сиромаштија. Токму затоа, многу земји го ратификуваа и усвоија Родовото буџетирање“, посочи таа.

Според Николова, момчињата и девојчињата треба да знаат дека деновите од менструалниот циклус не се за изолација и седење дома, туку треба да се работи на поголема свест.

„Мораме да ги отвораме училниците, мора да дискутираме повеќе за здравјето на младите, како и за женското здравје. Секое училиште да обезбеди и менструални тоалети, тоа е единствен начин барем да ги исполниме основните услови за менструална хигиена“, заклучи таа.

Слично обраќање имаше и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој информираше дека досега адаптирале три тоалети во три средни училишта во Скопје, а планот бил бесплатно да делат влошки на девојчиња во одредени средни училишта, но поради пандемија, реализацијата на оваа активности се одложила.

Успешната борба на британските тинејџерки

Три години им биле потребни на британските тинејџерки да се изборат за бесплатни менструални производи во училиштата, истакна Ричард Малион од Британската амбасада во Северна Македонија на денешниот настан.

„Институционалната поддршка е потребна за да се реши ваков проблем. Кога тоалетите се реновираат, тие треба да бидат според стандардите, менструалните производи треба да бидат понудени бесплатни, а данокот да биде отстранет или намален за 5 отсто“, рече тој.

Малион се надева дека Владата ќе го разгледа барањето и дека ќе ја намали таксата и ако може, да ја отстрани.

На глобално ниво, светските организации бараат од властите до 2030 секоја жена и девојка да има пристап до производи за одржување на менструалното здравје.

Од Новинари за човекови права, пак, најавија нов проект за изработка на маски и влошки за повеќекратна употреба. Преку обуки ќе учат девојки како сами да сошијат влошки со што ќе го намалат отпадот и менструалната сиромаштија.

Емилија Петреска