Меморијален, млaдински кошаркарски турнир – FICBALL 2018 со хуманитарен карактер

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, на 7-ми април и 8-ми април, во организација на КК Партизан Водно Санс, семејството Сотирови и Фондација д-р Михаил Левенски, ќе се одржи меморијален, млaдински кошаркарски турнир – FICBALL.

Меморијалниот, младински кошаркарски турнир се одржува по прв пат и е во чест и сеќавање на прерано починатиот, млад кошаркар Филип Сотиров – Фиц (1999-2014).

Турнирот ќе има и хуманитарен карактер , кој ќе се манифестира преку донирање на сретства и реквизити за домот за деца без родители „11-ти Октомври“, од страна на сите екипи учесници во турнирот.

На турнирот, под мотото „Be The Best You Can Be“ ќе се натпреваруваат и другаруваат, младинските кошаркарски екипи на Барселона, Фенербахче, Бугарска Национална репрезентација, Партизан Белград, Кајолу и КК Партизан Водно Санс.

На турнирот FICBALL, 80 млади кошаркари од Европа, ќе имаат можност да одиграат вкупно 13 натпревари, да создадат нови пријателства, да се инспирираат меѓусебно и заедно дополнително да го зајакнат тимскиот дух на секоја екипа.

Целта на овој настан е преку промоција на здрав начин на живот, здрави навики и спорт, како и мулти-културно другарување низ тимските спортски активности, заедно да оддадеме почит на кошаркарот Филип Сотиров – Фиц, кој беше позитивен пример за млад човек, воден од мотивот да стане најдобрата верзија од себеси.

Влезот за натпреварите на турнирот е бесплатен за сите посетители.