Мемети: Има училишта во кои нема ниту најосновни материјални и просторни услови

Нема напредок во почитувањето на човековите права и слободи, напротив во некои области има уназадување, истакна народниот правобранител Иџет Мемети презентирајќи го Годишниот извештај за 2014 година. Минатата година народниот правобранител постапувал по вкупно 4.995 претставки, односно бројот на предмети бил зголемен за околу 400 случаи,  што според Мемети укажува на фактот дека се повеќе граѓани бараат помош од омбудсманот, јавува МИА.

Во споредба со регионот, каде само еден процент од населението бара помош од омбудсманот, во Македонија, како што рече, тој процент е двојно поголем. Граѓаните до Омбудсманот најмногу се жалеле на правосудството, потрошувачките права, финансиите и царината, работните односи, затворите и полициските постапувања.

Во однос на претставките за образованието, Мемети рече дека иако основното и средното образование се бесплатни и задолжителни по закон, има училишта во кои нема ни основни материјали и просторни услови. Тој посочи дека има зголемување на говорот на омраза во медиумите, па затоа апелира за разум и толеранција.

Народниот правобранител вели дека нема подобрување во условите во затворите, зголемен е бројот на поплаки за начинот на вработување во јавниот сектор, а во извештајот се посочува и на големиот број претставки што се однесуваат на изборите.

Народниот правобранител рече дека отворил постапка по сопствена иницијатива за случајот прислушување, а се водат и неколку постапки, откако граѓаните го побарале тоа од институцијата правобранител.

Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето, почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права во 2014 година Народниот правобраниел го доставил со Собранието на Република Македонија.