Мелт 2017 – концерти, перформанси и алтернативен простор за сите генерации

За својот 20-ти роденден, фестивалот Мелт, кој ќе се одржува од 14 до 16 јули во Германија,  годинава на своите посетители им обезбедува вистинско фестивалско искуство  со низа активности. Покрај седумте бини кои се најавени за јубилејното издание, годинава остваруваат соработка со берлинскиот клуб Sisyphos, познат по култните хаус и техно забави. Клубот има своја програма и ќе обезбеди алтернативен клубски простор кој посетителите ќе може да го уживаат од зајдисонце до изгрејсонце.

„Melt Art Space“ обезбедува простор за интердисциплинарна и современа уметност, претставувајќи го медиа артистот Kurt Hentschläger, кој ќе постави своја аудиовизуелна инсталација наречена FEED II. Свој перформанс ќе има и кореографот Richard Siegal, а е насловен „Soli for Corey“. Така на пример минатата година фестивалот беше дополнет со просторот „Forest“, шума со вински бар, нови плажи и идилична чил аут зона.

Богатата роденденска програма годинава ќе ја предводат Bonobo, Die Antwoord, M.I.A, The Kills, Soulwax, Hercules & Love Affair … Ова секако е само мал дел од концертите што ќе се случуваат за време на германскиот фестивал од каде за прв пат ќе известува тимот на Радио МОФ.

Целосната програма на фестивалот како и информации за влезници за фестивалот може да се најдат на официјалната страница на фестивалот Мeltfestival.de.