Мексикански дизајнери визуелно објаснија зошто ѕидот што го замисли Трамп е проблематичен

Американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп во своите говори ветуваше дека ќе изгради ѕид на границата помеѓу Америка и Мексико, ако биде избран. Ова предизвика бурни реакции не само кај населението, туку и меѓу експертите. Но, за да ги прикажат недостатоците на оваа идеја, мексиканското студио за дизајн „Естудио 3.14“ направи серија нацрти кои ги покажуваат препреките и како би се сменил пејзажот ако се изгради ѕидот.

„Базирано на изјавите на Трамп, економските, еколошките и финансиските аспекти се доведоа во прашање“, објаснуваат од студиото.

„Сепак, тој продолжува со својот вербален план. Како архитекти и дизајнери, ние имаме капацитет да замислиме и да го интерпретираме она што Трамп го вели, и ние сме убедени дека ако луѓето видат, тие ќе можат да ги оценат неговите зборови и перверзијата на неговиот предлог“.

Во сликите, ѕидот е прикажан во розова боја, поврзувајќи го со мексиканскиот архитект Луиз Бараган и изјавата на Трамп, дека ѕидот ќе биде „убав“. Границата минува низ реки, планини и згради, покажувајќи колку несоодветна би била таква структура.

Голем дел од границата минува низ јавни површини како национални паркови, па така, ѕидот како што е прикажан, може да има штетно влијание врз животната средина. Сезонскиот одлив и прилив на реките Колорадо и Рио Гранде, исто така, ќе бидат предизвик за планирање.

Ова студио се надева дека правејќи ги повеќе очигледни овие бариери, луѓето ќе започнат навистина да сфаќаат какви проблеми би настанале во случај да се исполнат ветувањата на Трамп.