Меѓународна награда за фотографија за студентот Рафиз Фера од Скопје

Рафиз Фера, студент по дизјан од Македонија, ја освои меѓународната награда за фотографија „Intercultural Photo Award” основана од МНР на Австрија.

http://www.bmeia.gv.at/aussenministerium/aussenpolitik/auslandskultur/dialogderkulturen/interkulturelle-begegnungen.html

Фера е еден од петте првонаградени учесници на меѓународниот натпревар за фотографија „Интеркултурни средби” кој ја претставува најновата иницијатива на работната група „Dialogue of Cultures” основана во 2007 од австриското министерство за надворешни работи и има цел да ги долови импресиите и искуствата во полето на интеркултурниот дијалогот во форма на слики преку различната интерпретацијата, разбирање и пристап на фотографите. Централен аспект има патувањето, кое претставува импресивна алатка за пристапување и истражување на различните култури и религии.

Наградената фотографија е насловена „Hole in the City Wall” преку која авторот Фера кажува за Скопје како место кое обединува различни култури и религии од минатото и сегашноста кои комуницираат меѓусебно низ просторот и низ времето.

„Ова е фотографија која прикажува градски пејзаж виден преку пушкарница на средновековна тврдина. На фотографијата се гледа Саат-кулата изградена во 16 век со часовник кој бил изработен во Унгарија и џамија од времето на Отоманската империја, испреплетени со современата архитектура. Тоа е мал исечок од градскиот пејзаж кој со помош на симболи од минатото, ја раскажува приказната за интеркултурните средби во мојот град денес“, вели Фера.

Фера e апсолвент на одделот за графички дизајн на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, а покрај со графичкиот дизајн, активно се занимава и со фотографија.На натпреварот пристигнале 189 фотографии од учесници од различни земји во светот. Од селекцијата на 35 најимпресивни фотографии, петчленото жири наградата “Intercultural Photo Award” ја додели на најдобрите пет, Рафиз Фера, Joel Lukhovi, Dusana Baltic, Teresa Belkow и Merike Boysen. Нивните фотографии се дел од изложбата која ќе биде прикажана на различни места во светот.