Меѓународна летна академија за пијано во Охрид

Во Охрид од 17 до 27 овој месец по првпат ќе се одржи Меѓународна летна академија по пијано, во чии рамки на неколку локации низ градот ќе се одржат концерти на познати уметници на пијано од целиот свет, но и музички работилници со отворено учество за сите заинтересирани.

Меѓународна летна академија за пијано во Охрид

Јана Бегин, претседател на Академијата, на денешната прес-конференција појасни дека станува збор за манифестација каква што веќе е одржана на повеќе инспиративни локации, како Верона, Боденското Езеро во Германија и други места, пренесе МИА.

– Охрид со својата природна убавина и богатото културно наследство како дамнешен едукативен центар, претставува идеално место за ваква манифестација и оттаму идејата за организирање на академијата, нагласи Бегин.

Пијанистот Зоран Имшировиќ, инаку уметнички директор на Академијата, истакна дека на Академијата во Охрид ќе учествуваат 14 професори од целиот свет, меѓу кои Клаус Шилде, еминентен музички педагог и пијанист, еден од најзначајните претставници на германската клавирска традиција и поранешен претседател на високите музички школи во Минхен, Берлин, Детмонд, Токио итн.

– Од негова класа потекнуваат многу познати пијанисти на денешницата. Покрај Шилде, кој секојдневно ќе држи часови за заинтересираните, во Охрид ќе можеме да видиме уште многу познати професори и концертни пијанисти, како Димитриј Романов од Русија, Мику Нишимото од Јапонија, Масако Сакаи од Јапонија, Хјун Сок-Текин од Кореја, Марија Динов од Србија и други, појасни Јушировиќ.

Катерина Летиери од своја страна рече дека е мошне задоволна што е во Охрид и што се реализира идејата за спој на музичка наобразба и пијано-култура од висок калибар со амбиент како Охрид што зрачи со убавина и култура.

Во рамки на 10-дневната Академија секој ден од 9 до 18 часот ќе се одржуваат часови во Музичкото училиште во Охрид, а секој ден ќе има и предавања на стручни музички теми како и концерти.

Концертите ќе се одржуваат на сцената на катедралната црква „Света Софија“, во Големата сала на Општина Охрид, како и на отворено на платото кај црквата „Света Богородица-Перивлепта“.

Извор: МИА