Меѓународен младински лидерски форум во Скопје

Перспективите и предизвиците на младите луѓе, можностите за побрзо и поквалитетно вклучување на пазарот на труд, се темите на кои ќе разговараат учесниците на дводневниот меѓународен младински лидерски форум, кој се одржува во Скопје по повод одбележување 10 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски.

Меѓународен младински лидерски форум

За време на своето обраќање пред присутните, министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека сите конструктивни забелешки што ќе бидат изнесени на форумот ќе бидат земени предвид во креирањето на натамошните образовни политики во земјава.

„На овој форум ќе се говори за младите и нивните перспективи во Република Македонија поврзано со образовните реформи и можностите кои им се даваат на младите, водејќи се од интересите и потребата да се достигне крајниот резултат, а тоа е квалитетот и нивна конкурентност особено на пазарот на трудот“, рече Ристовски.

Тој додаде дека трагично загинатиот претседател Борис Трајковски бил човек кој давал јасна и недвосмислена поддршка на младите, имал јасна перцепција за квалитетен образовен систем кој ќе биде конкурентен во европски и светски рамки, и дека е пример кој треба да се следи.

Професорот Исмет Рамадани се согласи со ставот дека Трајаковски секогаш и во секоја можност им давал поддршка на младите, порачувајќи им притоа да се фокусираат и да ја изберат иднината пред минатото.

„Сакам да им кажам и да им порачам на младите не е добро за земјата ниту за нив доколку престанеме со градење демократски институции, доколку немаме квалитетно образование, но и ако дадеме можност за ширење на организиран криминал и корупција која по мене е нешто полошо од лоша идеологија,“ рече Рамадани кој додаде дека младите мора да веруваат во перспективата и во иднината.

Форумот се одржува по деветти пат, а темите директно се поврзани со младите луѓе.