Меѓународниот ден на студентите во Македонија ќе се одбележи со читање поезија и концерт

Студентската културна иницијатива „Отворен Куфер“ традиционално го одбележува Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември.

Оттаму за Радио МОФ велат дека годинава, денот ќе го испочитуваат скромно, со читање на поезија и концерт на групата „Перија“ во аулата на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со почеток во 14:00 часот.

Поетското читање, како што информираат, ќе биде во форма на чајанка, но нагласуваат, оние кои ќе се вклучат, со себе да си понесат и чаша, бидејќи нема да се користи пластичен прибор.

„Пораката која сакаме да ја пренесеме е истата како и до сега – недостаток од културен живот и слободно изразување во рамки на универзитетот“, велат од Отворен куфер.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани студенти, студентски организации, движења и иницијативи, без разлика од кој факултет доаѓаат, да се вклучат во заедничко развивање на идејата за одбележување на Меѓународниот ден на студентите.

Инаку, овој ден се одбележува низ целиот свет откако на 28 октомври 1939 година, студентите во Прага покренале отпор против нацистичката окупација.

Овие демонстрации биле крваво задушени. Познат е настанот кога студентот Јан Оплетал бил застрелан и починал. На 15 ноември бил одржан неговиот погреб на кој присуствувале илјадници студенти и тоа се претворило во антинацистичка демонстрација.

Како резултат на тоа, на 17 ноември, 9 студенти биле погубени, повеќе од 1200 одведени во концентрациони логори, а студентските домови и универзитетите биле претворени во касарни.

Од 1941 година до денес, овој ден се одбележува секоја година насекаде во светот како ден на студентскиот активизам и глобален ден на акција кога студентите низ целиот свет протестираат, прават блокади на своите факултети, на улиците и на мостовите со цел да ја спречат комерцијализацијата на образованието, како и да ја покажат важноста на тоа што значи да си студент.