Меѓународни организации: Турција да ги ослободи обвинетите новинари на Vice

Меѓународната организација за заштита на слободата на медиумите Index on Censorship ја повика турската влада да ги ослободи двајцата новинари на канадскиот магазин Vice, кои се уапсени заедно со еден локален колега и формално се обвинети за „работа во корист на терористичка организација“ (во случајот, се мисли на Исламска држава).

„Само неколку дена откако тројца новинари на Ал Џазира беа неправедно осудени во Египет, последниве апсења на новинари само поради тоа што си ја вршеле работата го нагласува начинот на кој владите насекаде можат да ја искористат тероризирачката легислатива за да ги спречат медиумите да работат“, вели извршниот директор на Index on Censorship, Jodie Ginsberg.

Британските новинари на Vice, Jake Hanrahan и Philip Pendlebury, беа уапсени во четвртокот со колега кој им помагал, од страна на турската антитерористичка полициска единица, додека известувале од судирите во градот Дијарбакир, во југоисточна Турција. Тројцата новинари биле уапсени и обвинети во понеделникот, додека нивниот возач бил ослободен.

„Турција веќе е едно од најлошите места во светот во поглед на слободата на медиумите. Ја повикуваме Турција да ги ослободи новинарите на Vice и да обезбеди слобода на работа за сите новинари кои известуваат од земјата.“, се вели во соопштението на Index on Censorship.

Ова е 146-та пријава за кршење на слободата на медиумите против Турција од мај 2014 досега. Кон осудата за апсењето на новинарите се приклучи и Amnesty International, која чинот го нарече „неоснован, запрепастувачки и бизарен“.