Mеѓународната ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово 2019“

Во вторник, на 20 август 2019, во Кавадарци започнува најновото издание на традиционалната Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци/Михајлово 2019“. И оваа година колонијата ќе донесе учество на бројни уметници од повеќе земји. Во Кавадарци ќе творат и свои дела ќе остават 45 ликовни уметници од Турција, Бугарија, Србија, Иран, Албанија, Грција, Италија, Русија, Украина, Германија, Косово, Словенија и Македонија.

Во предвечерјето на отварањето на колонијата, во вторник, на 20 август 2019, од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ ќе биде отворена изложба на дела од Сандра Блажева од Софија, Бугарија, која е и учесник на колонијата. Официјалното отворање е од 21 часот на местото каде и ќе се одвива колонијата – хотелот „Уни Палас 2“, со настап на кавадаречки рок музичари.

Во рамките на случувањата на годинашното издание на Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци/Михајлово 2019“ во четврток, на 22 август, од 20 часот во салонот на Музеј Галерија Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Тони Чатлески. Во недела пак, на 25 август, од 20 часот, во „Уни Палас 2“ ќе се одржи џез концерт на кој ќе настапат Тони Китановски Трио и Сашо Поповски Трио.

Колонијата официјално ќе биде затворена во понеделник на 26 август, во 20 часот со изложба на дела реализирани на самата колонија и промоција на книгата „Боите на небото и земјата“ од М-р Владимир Темков.

Колонијата е во организација на Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, а со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Општина Кавадарци.