Меѓународна археолошка конференција во Скопје

На 13 и 14 март во ЕУ Инфо центарот во Скопје ќе се одржи Меѓународна археолошка конференција насловена „Населби, култура и динамика на популациите во Балканската праисторија“.

Конференцијата која е во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата (ХАЕМУС) е посветена на праисторијата и на неа ќе учествуваат 110 археолози од 20 земји од светот. На неа секој од археолозите ќе ја претстави својата работа, но и новите научни придобивки.

Сопред организаторите, на 13 март во 18 часот во Музејот на Град Скопје ќе се одржи изложба на постери. По завршувањето на конференцијата, научните текстови од археолозите ќе бидат публикувани во посебна монографија во издание на Археопрес, престижна издавачка куќа од Оксфорд специјализирана исклучиво за публикување на научна археолошка литература.

Меѓу најзначајните учесници на конференцијата од областа на предисториската археологија во Европа се: проф. Драгош Георгиу од Националниот Универзитет на уметности во Букурешт, како претставник на Научниот Комитет на конференцијата, д-р Клајв Бонсал, проф. од Универзитетот во Единбург, експерт за рана праисторија на Балканот; д-р. Марија Ѓурова од Археолошкиот институт на Бугарската академија на науките, проф. по археологија и член на бордот на Асоцијацијата на Европски археолози; д-р Јануш Козловски од Археолошкиот институт на Полската академија на науките и експерт за камени индустрии во Југозападна Европа; д-р. Драгана Антоновиќ од Археолошки институт при Српската академија на науките и уметностите и претседател на Српското археолошко друштво; д-р Жаклин Бален, директор на Археолошкиот музеј во Загреб и претседател на Хрватско археолошко друштво.