Меѓународен студентски конкурс за плакат: Вештачка интелигенција и реалноста

Десетиот јубилеен Меѓународен студентски конкурс за плакат, Скопје 2017, ќе биде на темаВештачка интелигенција и реалноста“.

„Оваа година Советот на МСКП одлучи да стави акцент на темата Вештачка интелигенција и реалноста. Време е ние младите дизајнери да делуваме, да бидеме ’бучни’ и да креираме пораки кои ќе инспирираат многумина, кои ќе обединуваат, но дефинитивно ќе придонесат за поголема свест кај јавноста и сите засегнати страни по ова прашање, особено кај политичките лидери и моќните бизнисмени и претприемачи“, стои во повикот.

Понатаму, организаторите на конкурсот прашуваат дали супер-интелигентните роботи кои постигнуваат цели со изврсност претставуваат закана за нас?

„Во оваа фаза на подем на моќта на технологијата, дали ние – како најнапредни битија – можеме да имаме потполна контрола врз автоматизираните роботи? Што се твоите размисли за иднината на вештачката интелигенција и што тоа значи за човештвото? Дали постојат недоразбирања или предизвици со кои треба да се соочиме! Ова се неколку од многуте прашања кои треба да поттикнат различни толкувања!

Ги охрабруваме дизајнерите да се приклучат кон ова движење! Да креираат и привлечат внимание, кое ќе прерасне во меѓународно движење, кампања… Да отсликуваат/да се борат/да се стремат кон постигнување на повисоки стандарди во визуалните комуникации и во претставување на своите размисли.

Како дизајнери обврзани сме да делуваме кон разрешување на проблемите или да посочиме решенија. Токму затоа ќе креираме и испровоцираме глобално движење, прво поканувајќи ги студентите да земат учество во овој конкурс, а потоа и професионалните графички дизајнери и преку општествени акции и кампањи со цел подигање на свеста кај јавноста“, се наведува во конкурсот.

Инаку, рок за апликација на 10. Меѓународен студентски конкурс за плакат е до 30 октомври 2017 година, а повикани да аплицираат се студентите на сите образовни нивоа  (колеџи, високи школи, факултети, магисерски и докторски студии на уметност, дизајн, визуални уметности).

Отворање на изложбата ќе биде на 17 ноември 2017 година.

Конкурсот го објавува Плакарт, во соработка со Музеј на Град Скопје, а проектот е поддржан од Министерство за култура, АУГ Асоцијацијата на графички дизајнери, Чешка и бројни соработници од Полска, Чешка, Турција, Србија, Германија, САД и Русија.